На презентација одржана во Риселсхајм беше претставена целосно новата Mokka која веќе може да се нарача во бензиска, дизел или чисто електрична варијанта. Цената за влезниот модел е поставена под 20 илјади евра.
Во класата на урбани кросовери Opel го има Crossland кој одлично е примен на пазарот. Слаткиот проблем што се појави во Риселсхајм беше одличната продажба на првата Mokka која беше на заминување.
Имајќи ја на ум новата корпорациска мулти-енергетска CMP-платформа врз која се поставуваат новите модели на PSA групацијата (Opel од пред три години припаѓа на тоа семејство) беше логично да се употреби кај уште еден перспективен модел.
Тоа беше одлична прилика за промоција на новите дизајнерски решенија на Opel на кои во иднина ќе треба да се навикнуваме.
Однадвор тоа се новата Opel Vizor маска и задниот дел со редизајнираната молња и специфичен написот на името на моделот.
Во внатрешноста се истакнува новата централна конзола која сега е целосно дигитализирана со централен LCD свртен накај возачот. Pure Panel, под кое име комерцијално ќе се препознава овој дизајн, ќе го гледаме и во идните модели на Opel, со големи изгледи тоа да се случи догодина и кај новата Astra.
„Со новата Mokka, ние буквално повторно го измисливме Opel. Ние го дизајниравме и развивавме автомобилот од нула, овде во Риселсхајм. Целиот тим работеше со невидена страст и непоколеблива посветеност да го одведе Opel во брилијантна и возбудлива иднина.
На почетокот на нарачките, новата Mokka е достапна како бензинскo, дизел или чисто електрично возило – клиентот има избор “, вели Мајкл Лохшелер, извршниот директор на Opel.
Бензинските мотори ќе ослободуваат помеѓу 100 и 130 КС додека дизелот е подесен на 110 КС. Освен мануелниот 6-степенски менувач за прв пат во класата се става на располагање и 8-степенски автоматик со полуги зад воланот за рачно менување.
Истовремената појава на целосно електричната Opel Mokka-e ја прави големата разлика во однос на конкурентите. Во неа е вграден сет од батерии чиј капацитет од 50 kWh овозможува автономија – мерено спред WLTP процедурите – од максимални 324 километри.
Електромоторот од 100 kW (136 КС) веќе го имаме сретнато кај други корпорациски модели, може да постигне многу поголема максимална брзина од електронски ограничените 160 км/ч.
Интересни ќе бидат и цените за електричната, Mokka-е. На Германскиот пазар таа ќе чини 32.990 евра, но кога ќе се пресметаат премиите кои за возила со нулто загадување ги дава тамошната влада, цената се спушта до релативно прифатливите, 23.420 евра.
Кога ќе се земе предвид вградената безбедносна опрема, потоа конективните можности и на крајот, Германскиот квалитет на завршна изработка, јасно е дека новата Opel Mokka поставува нови, далеку повисоки стандарди.