Откако Ford лани во мај го претстави електричниот F-150 Lightning, стана јасно дека овој пикап треба да донесе револуција во сегментот.
За ништо да не остави на случајот, Ford си остави доволно време добро да ги истестира новите технологии пред да го пушти во производство.
А тоа сега доближува, бидејќи плановите се F-150 Lightning да започне да излегува од фабричките хали за некој месец.
Дека сé е во ред, одговорните од компанијата со видеа од тестирањата на Алјаска, ги уверуваат потенцијалните купувачи од кои преку 200.000 веќе имаат направено резервација.
Ниските зимски температури таму, неретко пониски од -30° целзиусови, треба да покажат како се однесува неговиот електричен погон во екстремни услови.
И не само тоа – површините прекриени со снег и мраз се потребни да се испроба F-150 Lightning на лизгави подлоги и провери како ја пренесува силата на нив.
На Алјаска се тестираат шест претпроизводствени примероци од пикапот на сите можни подлоги и услови кои острата зима и ниските температури можат да ги донесат.
Искуствата што марката ги има со стандардниот F-150 не им се многу од помош бидејќи електричниот пикап на лизгави подлоги се однесува сосема поинаку. Реакциите на погонскиот систем се значително побрзи, распоредот на тежината сосема поинаков, а треба да се координира и работата на двата електромотора.
Според порано објавеното, F-150 Lightning ќе се испорачува во верзии со 426 и 563 KS со автономија од 370 и 480 km, по цени кои ќе се движат од 40 до 90 илјади долари.