Во редовна понуда на домашниот увозник на Citroën се најдоа целосно електричниот ë-C4 и плагин SUV-от C5 Aircross SUV Hybrid.
Домашниот пазар на електрични возила бавно, но сепак се движи. Срамежливи се тоа чекори, но сепак доволно храбри и одважни за да ја предизвикаат надоаѓачката иднина.
Поготово ако овие потези се стават во контекст на отсуство на било каква државна стратегија.
Располагајќи со респектабилен програм на електрифицирани возила, Citroën се одлучи во својата редовна понуда да го вклучи чисто електричниот ë-C4 и хибридниот C5 Aircross SUV Hybrid.
Чиста електрика
Citroën ë-C4 се движи само на струја. На прв поглед идентичен со своите бензиски и дизелски браќа, сепак тој во воздухот не испушта никакви штетни честички.
Идентичноста со останатите верзии е овозможена од уникатната мулти-енергетска платформа која засега останува да ја прави разликата на моделите на PSA групацијата од светската конкуренција.
Едноставно кажано, CMP (Common Modular Platform) покрај примената во модели од различни класи овозможува и вградување на бензиски, дизел или чисто електрични погони.
Токму врз таа платформа е поставен лани претставениот компакт C4. Со класичните мотори имавме можност да се запознаеме минатата година, а сега во салонот на домашниот увозник е изложен електрично придвижуваниот, ë-C4.
Лубителите на тивкото и чисто возење сега имаат можност да уживаат во перформансите кои ги овозможува електричниот мотор со силина од точно 100 kW (136 КС) и константен вртежен момент од 260 Nm.
Тој перформанс на моторот може да трае до поминување на околу 350 километри, по што се исцрпува капацитетот на батериите од 50 kWh.
Повторното нивно оживување ќе трае во зависност од тоа на каков извор ќе биде „уштекан“ полначот.
Најлошата варијанта е приклучување на домашен монофазен приклучок (7 часа и 30 минути), средната можност е ѕиден приклуок (кој кај нас сеуште не се инсталира), додека најбрзата можност е јавен полнач од 100 kW кој за половина час го подготвува возилото за следна тура од 350 километри.
Сетот литум јонски батерии доаѓа со гаранција од 7 години (или 160.000 km), време во кое неговиот капацитет нема да падне под 70%. Тоа во моментов е стандард кој го нудат повеќето производители на електрични возила.
На овие силни бројки ќе ја додадеме и цената на чинење: во почетното (прилично богато димензионирано), Feel ниво на опрема, цената на Citroën ë-C4 е поставена на 37.900 евра. Многу, малку или таман си е, ќе кажат купувачите кои ќе можат да си го дозволат а притоа и се еколошки освестени лубители на новите технологии.
Хибридна технологија
C5 Aircross SUV Hybrid е SUV со компактни димензии кој веќе бележи две успешни години на пазарот. Сега доаѓа со силно изразена еколошка компонента во вид на plag-in хибрид.
Комбинацијата на бензискиот турбо мотор со зафатнина од 1.6 литри и електромоторот сместен во менувачот резултира со системска моќност од 225 КС. Таа силина на предните тркала се пренесува преку нов 8-степенски автоматски менувач.
Притоа бензинецот со директно вбризгување испорачува 180 КС додека остатокот го надополнува електричниот синхрон мотор кој има пик од 110 КС. Приметувате дека збирот е далеку поголем од системската силина, но тоа е нормално бидејќи дел од механичката енергија се троши на полнење на батериите.
А тие се со капацитет од 13.2 kWh што пак е доволно за движење само на струја од околу 50 килметри.
Податоците за автономијата секогаш се релативни затоа што многу зависат од температурата во која се користат, стилот на возење, патните услови и уште од низа други фактори.
Но, секако говориме за километража која во најголем случај ги задоволува потребите на дневно возење, најчесто од и до работното место.
Во тој случај бензискиот мотор воопшто не се вклучува со што се обезбедува нулто загадување на животната средина.
Токму релативно брзото полнење (во домашен приклучок, максимум 2 часа) и одличниот еколошки компромис, во моментот „плагин“ технологијата ја прави многу атрактивна за голем голем број консументи.
И сега цената на тој еколошки компромис: Citroën C5 Aircross SUV Hybrid со поприлично долга листа на опрема и осум степенски автоматик, ниво на опрема означено како Feel Pack, чини 41.990 евра.
Мора да истакнеме дека овие цени се „живи“ односно без никакви субвенции од државата, нешто што во Европа, па и во нашето соседство, се изразува во илјадници евра. Но тоа е некоја друга приказна на која посебно ќе се осврнеме.