Доверливоста, практичноста и модуларноста сега се збогатуваат со придобивките кои ги носи електричниот погон.
Професионалните клиенти ги заслужуваат идентичните технолошки придобивки кои ги добиваат и останатите корисници.
Тука мислиме на електричниот погон, а за среќа на него мислеле и конструкторите на Citroën. Доволно причини да биде претставено популарното комерцијално возило Berlingo, но сега во целосно електрична верзија.
За него генералниот директор на Citroën, Винсент Кобе ќе изјави: „ Citroën Berlingo Van како носител на стандардите во делот на мали комерцијални возила е препознатлив по практичноста, која допринесе за многу иновации.
Присвојувајќи го најдоброто од електричните технологии, тој сега им нуди на професионалците уште потивко работење кои во ë-Berlingo Van ќе најдат идеален партнер за исполнување на секојдневните активности во ненадминлив комфор, со голема слобода при движењето и контрола на оперативните трошоци, без било каков компромис во смисла на товарниот капацитет и волуменот.
По ë-Jumpy кој е избран за интернационално комби возило на годината, како и ë-Jumper, ë-Berlingo Van е важна алка во нашата електрична офанзива и опиплив одговор на новите предизвици за мобилност за сите професионалци“.
Во зависност од режимот на возење, литиум-јонските батерии на ë-Berlingo Van од 50 kW им овозможуваат на корисниците да ги остварат своите зададени одредишта и обиколки и до 275 km со едно полнење.
За максимирање на автономијата погонскиот систем ја обновува енергијата за време на фазите на сопирање или забавување на возилото. Батериите кои се наоѓаат под седиштата и подот во товарниот дел и не влијаат на корисната зафатнина, имаат гаранција од 8 години или изминати 160.000 km.
Електромоторот овозможува да се достигне максимална брзина од 130 km/h, без оглед на користените режими на возење, кои ги има три – нормален (80 kW/180 Nm) кој овозможува идеален компромис помеѓу автономијата и динамичноста, економичен (60 kW/190 Nm) со кој се оптимизира потрошувачката на енергија и моќен (100 kW/260 Nm) кој овозможува највисоки перформанси.
На располагање се и три можности за полнење, почнувајќи од наједноставниот приклучок, па сè до супербрзото полнење кое овозможува полнење на 80% од батеријата за 30 минути.
Со брзото полнење за што е потребно инсталирање на ѕиден полнач од 3,7 до 22 kW и кабел тип 3 времето за полнење од 0 до 100% трае до 7 часа и 30 минути (монофазно) или 5 часа (трофазно), а супербрзото полнење на јавна станица до 100 kW со кабел тип 4 интегриран во самиот полнач овозможува да се наполнат 80% од батериите за време од 30 минути.
Berlingo од 1996 година има водечка улога во сегментот на мали комерцијални возила веќе три генерации по ред, континуирано еволуира за да ги исполни барањата на пазарот. Тоа го докажува со пласман на повеќе од 1,6 милиони примероци низ светот.
ë-Berlingo Van доаѓа во две верзии – М од 4,40 m и XL од 4,75 m, првата со простор за товар од 3,3, а втората од 4,4 кубни метри, со корисната носивост до 800 kg.