Од Хрватска пристигнува голема вест – Rimac со помош на Porsche го презема Bugatti
Личи на сценарио за холивудска приказна, но вистина е – за една деценија Rimac напредуваше од ентузијастичка компанија со осум вработени до сопственик на Bugatti.
Поддршка за сето тоа младиот Мате Римац имаше во својата инженерска генијалност и менаџерски вештини, кои во Porsche навреме ги препознаа и си обезбедија дел од сопственоста во неговата компанијата.
Сето тоа идеално се вклопи во прегрупираниот мозаик на Volkswagen предизвикан од електричната иднина која го очекува автомобилскиот свет.
Резултатот е создавање на нова компанија Bugatti Rimac со седиште во Хрватска, под чија капа отсега ќе делува славната француска марка хиперспортски и ултраскапи автомобили.
Rimac групата во новата компанија ќе има 55 отсто, а Porsche 45 отсто од акциите, додека структурата на сопственоста во Rimac останува – покрај Мате Римац со 37 и Porsche со 24 отсто, дел во неа има и Hyundai (12%).
Bugatti и Rimac ќе продолжат и понатаму како засебни брендови, задржувајќи ги постоечките производствени погони и дистрибутивната мрежа.
Заедничките развојни капацитети отсега ќе бидат сместени во Хрватска.
Развојот, производството и продажбата на батериски системи, погонски склопови и останати компоненти за електричните возила ќе биде издвоен во посебна компанија Rimac Technology.
Таа ќе биде во целосна сопственост на Rimac и независно и понатаму ќе соработува со Aston Martin, Koenigsegg, Jaguar, Seat, Pininfarina и други светски производители на автомобили.
На чело на сите компании, стари и нови, ќе биде 33-годишниот Мате Римац.