е-tron семејството на електрични модели на Audi добива нов член.
Свежо претставениот Q4 Sportback во концептна форма е логично продолжение на e-tron низата после лани видениот Q4.
Како што знаеме, според номенклатурата на Audi дополнителната ознака Sportback значи дека овие два модела се разликуваат по задниот дел.
Сличноста однапред покажува дека се работи за едно возило во две изведби. Q4 Sportback се истакнува со забележливата затворена маска и за нијанса различно изведениот браник.
Внатрешноста, нормално, е дигитална, облагородена со алкантара, засечен управувач и сјајни црни детали.
И двете возила се поставени на Volkswagen-овата MEB платформа за електрични возила. Ги задвижуваат два електромотора со вкупно 225 kW/306 KС, погонот е на сите четири тркала, а батериите се од 82 kWh.
Забрзувањето од 0 до 100 km/h изнесува 6,3 секунди, максимална брзина е ограничена на 180 km/h, а со едно полнење ќе може да се поминат околу 450 km.
Се споменува и варијанта со еден електромотор кој би ги задвижувал само задните тркала, со автономија од 500 km.
Q4 e-tron и Q4 Sportback e-tron ќе се произведуваат во Volkswagen-овата фабрика во Цвикау, Германија. VW инвестираше вкупно 1,2 милијарди евра со цел во неа да се произведуваат 330.000 електрични возила годишно.
За далекуисточните пазари веројатно е овие два кросовера да излегуваат и од новата SAIC-VW фабрика во близината на Шангај, која има капацитет за производство на 300.000 електрични возила.
Сериската верзија на Q4 според поранешните најави треба да се појави до крајот на годинава, додека на неговата Sportback верзија ќе почекаме до идната 2021-ва.