Кога во една сообраќајка случена на градска сообраќајница ќе загинат две лица и ќе има уште седум повредени, тогаш мора од темел да се менува стратегијата.
Трагедиите се дел од сообраќајното живеење. Поготово на нашево. Додека светот цели кон нула повредени во сообраќајот, кај нас среде град се случуваат несреќи со загинати и тешко повредени учесници. Катастрофа!
И тоа среде зајакнати контролни активности на сообраќајната полиција. И тоа во вечерни часови кога улиците се многу фрекфентни. И тоа на нова сообраќајница, која би требало да обезбеди безбедно поврзување со тој дел на градот.
Штом вакви трагични настани ни се случуваат тогаш крајно време е да се запрашаме каде тоа грешиме. Ако не се преиспитаме, извлечеме поуки и не го смениме пристапот, повторно ќе имаме семејства завиени во црно. Каде грешиме?
- Како прво, сообраќајот во Скопје (и Републиката) е автоцентричен. Тоа значи дека апсолутни господари на улиците се возилата;
- Како второ, реновирањето на сообраќајниците речиси по правило никогаш не се изведува темелно и до крај;
- Трето, не обрнуваме доволно внимание (контрола) на пристапите од периферните населби кон централното подрачје;
- Четврто, целиот сообраќај се изведува на едно ниво – се вкрстува секој со секого;
- Петто, квалитетот на коловозите често знае да биде под секој стандард;
- Шесто, постоечката сигнализација е далеку од квалитетна, па често дури не е ниту еднозначна;
- И никако како последно, нашата колективна сообраќајна култура е на најниски можни гранки.
За сите наведени точки можеме да ламентираме и да се надмудруваме со владините институции, градските и локалните власти и повторно ќе се вртиме во круг.
Потребна е акција од сите чинители при што преземањето позитивни искуства од развиените општества треба да послужи како основа за решавање на состојбите. Трагичната алтернатива секојдневно се одвива пред нашите очи.
Чаре?
Преиспитување на сите сообраќајни решенија. Широките булевари никако не значат безбеден сообраќаен тек. Напротив, предизвикуваат на брзо возење.
Заштитата на ранливите категории треба да биде апсолутен приоритет. Пешаците, велосипедистите, возачите на електрични скутери и мопеди, во сите решенија мора да имаат неприкосновена предност. Тоа се групи кои на секој можен начин придонесуваат за општото добро.
Максималната рестрикација на брзината заедно со дестимулирањето на употреба на автомобилите треба да биде императив. Автоматските контроли од страна на полицијата и ригорозните казни се практика која е пристуна во целиот развиен свет, … и секаде даваат резултати.
И на крајот, а треба да биде на самиот почеток, систематско работење на подигнувањето на нашата сообраќајна култура.
Ќе повториме, ова се само главните точки кои понатака треба да се разработат. Не во детали, за тоа ќе треба да се вложи многу повеќе енергија од целата заедница, но барем ќе биде доволно да се оттргнеме од позицијата на сообраќајно најнецивилизирана нација.
Под итно ни е потребна акција, односно нова стратегијата за организирање и развој на сообраќајот.
текст: Агрон Сулејман