Две вести кои стигнаа една по друго го наметнаа прашањето дали и Nissan ќе избега од Европа како Mitsubishi?
Минативе месеци бевме сведоци на маките што ги преживуваше британската автомобилска индустрија, малку заради Брегзит, повеќе заради пандемијата.
И токму кога се чинеше дека полека работите се средуваат, Nissan извести дека го одложува почетокот на производство на новиот Qashqai за средината на следната година.
Точниот датум сé уште не е познат – место него, Јапонците за наредните месеци најавија „возбудливи вести” за овој модел, заради што со право Британците се прашуваат да не всушност започнаа да се пакуваат од Сандерленд, како што тоа веќе го сторија во Барселона.
Плановите дека за производството на популарниот модел во британската фабрика на Nissan ќе се инвестираат 400 милиони фунти за некои се смирување на топката, а за други долевање масло на огнот бидејќи засега сé само тоа – планови.
За разлика, втората вест која доаѓа од Франција вистина делува смирувачки – не за Британците, туку за сомнежите дали Nissan набрзина ќе го напушти европскиот пазар како неговиот партнер од алијансата.
Имено, се дозна дека Nissan ќе побара од Renault да ја развие и произведува идната генерација на Micra, која треба да се појави некаде во 2022 или ’23 година.
Оваа одлука воопшто не изненадува бидејќи и сегашната генерација на овој модел, кој, патем кажано се продава само во Европа и Јужна Африка, се произведува во фабриката на Renault во Флинс, Франција, на платформата од старото Clio која Јапонците ја имаат доработено.
Ова е добра вест и за Французите бидејќи судбината на оваа најголема и најстара фабрика на Renault е неизвесна откако производството на сегашната генерација на Clio се пресели во Словенија и Турција.
Постојат некои официјални најави дека таа ќе биде затворена во 2024 година, но тоа сé уште не е дефинитивно. Покрај Micra, сега таму се произведува само уште електричниот Zoe.