СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Шампиони во небезбеден сообраќај

 

Дали можеме и што треба да направиме за подобровуање на очајаната безбедност на нашите патишта.

Не мора човек да е некаков посебен познавач на состојбите за да констатира дека безбедноста во сообраќајот ни е под секакво ниво.

Сите се чувствуваме небезбедни. Која и да е категорија учесници, ќе ви го потврди тоа субјективно чувство кое се потпира врз голи факти.

Пешаци, бициклисти, мотоциклисти, возачи на моторни возила, сите влегуваме во сообраќај со помислата за можно лошо сценарио.

Анализата зошто сообраќајот ни е крајно опасен, ќе не доведе до разно разни заклучоци. Патот до некој цивилизациски ред води преку комплексни решенија. Да, и малку ќе потрае!

Решенијата од типот „само ова треба“ сигурно нема да помогнат во подобрување на состојбите. Тоj пат непогрешливо води – во поглед на безбедноста – кон загрозување на водечката позиција на најнебезбедните Афрички држави. Ако некој мисли дека претерувам само нека ги погледне релевантните податоци од Европските извештаи.

Чаре? Секако дека тоа постои!

За почеток да се навратиме на општо познатите основни принципи. Три базични фактори влијаат во одвивањето на сообраќајот: човекот, возилото и инфратструктурата. Сите тие треба да функционираат под организациска капа на законите, кои секако, се донесени од адекватните државни институции.

Кога поединечно ќе ги погледнеме трите базични фактори забележуваме дека најбрзи решенија во подобрување на безбедноста може да се постигнат ако директно сé влијае на однесувањето на луѓето, учесници во сообраќајот.

Останатие два фактора, возилата, а поготово инфраструктурата, помеѓу останатото тесно се поврзани и со материјалните можности – лични и државни. Иако и на тоа поле постојат огромни резерви за подобрување.

Во приликава да се задржам сега само на однесувањето на луѓето. Општо е познато дека почитувањето на законите воопшто не спаѓа во омилените дисциплини на овој народ. Поготово ако со драконски казнени мерки не е приморан на тоа.

За жал и на ова поле однесувањето на учесниците во сообраќајот во добра мера зависи од (замислете) националната припадност на граѓаните.

Додека едните долго време живееле надвор од системот и комотно се чувствуваат при прекршување на правилата и прописите, мнозинскиот дел функционира по „тате – бате“ принципот на кинење на пријавите.

И двата случаи водат кон идентичен резултат – опасно однесување што, пак, резултира со крајно небезбеден сообраќај.

Во тој хаос нејчесто страда мнозинството на дисциплинирани учесници кои се „демоде“ и „неприлагодени“ кон условите, и се приморани да се борат за голо преживување при секое напуштање на домот.

И затоа, ете, и највеќе поради нив, под итно владата преку нејзините органи треба да преземе мерки за ефикасна контрола на сообраќајот, брзо санкционирање на прекршителите, и секако, ефикасно елиминирање на интервенционизмот.

Сé што треба првично да се направи е зголемено присуство на полицијата на терен и редизајнирање на системот во функција на ефикасно санкционирање на прекршителите. Технолошките помагала за контрола на невралгичните точки, додатно ќе помогнат во зголемување на безбедноста.

Во таа насока за поздравување е новата опрема на полицајците во тетовскиот регион кои отсега сите интервенции ќе ги бележат со мини видео камери. Преземањето на овие мерки воопшто нема да тече глатко, но сепак многу е важно да се почне од оваа позиција.

Паралелно со јакнењето на контролата и ефикасното и непристрасно санкционирање на прекршителите, може да се работи и на останатите две фундаметални компоненти. Но, за тие теми во некоја друга прилика!

Засега ќе завршам со констатацијата дека факторот, човек, наместо на сообраќајот да гледа како поле за преживување, да почне од сопственото однесување па потоа реално да погледне во сообраќајното опкружување.

Едно е очигледно: зачмаениот систем мора да профункционира ефикасно, а за да се случи тоа секој поединец треба да даде свој несебичен придонес. Целта е јасна: побезбеден сообраќај за сите учесници!

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг