Погледнете ја премиерата на радикално новиот Hyundai Tucson.
Може многу што да се каже за новиот Tucson на Hyundai, но секогаш прв збор што паѓа на ум е дека е радикален, во секој поглед.
Најмногу заради дизајнот, кој е таков каков што не се очекуваше. Посебно необичен однапред, Tucson сега го красат маска и дневни светла споени во една целина.
Тоа значи дека кога автомобилот е паркиран тешко може да се забележи каде маската завршува, а каде започнуваат светлата. Кога моторот работи сé е малку појасно, но сепак сé уште невообичаено.
За разграничувањето помагаат главните светла кои се сместени одвоено, под маската. Малку поблаго, но сепак доволно различно од сегашните трендови е решен задниот дел на кој исто така се среќаваат карактеристични светла.
Дизајнот на внатрешноста е исто така потполно поинаков од она на што досега имаме навикнато од Hyundai. Инструментите пред возачот се дигитални, а централниот екран вешто е интегриран над конзолата.
Под него се командите на новиот трозонски клима-уред, а со автоматскиот менувач кај верзиите што го имаат се ракува со копчиња.
Новост се и амбиенталното осветлување и модерниот инфо-забавен систем чија практичност е дополнета со апликација за мобилен со помош на која може да се проверуваат состојбата на возилото и да се управува со некои негови функции.
Тука се и низата нови системи за помош во возењето, меѓу кои е и детекцијата за возила во мртвите агли која освен што предупредува, може и да закочи кога постои опасност од судар. Хибридната верзија пак, може да има и систем за далечинско паркирање.
Кога сме кај тоа, да кажеме дека моторизацијата на новиот SUV на Hyundai е сеопфатна – дизели, бензинци и хибриди во сите три изведби: обични, благи и плаг-ин. Фали уште чисто електрична верзија, која засега не е предвидена.
Основни ќе бидат класичните мотори – 1,6 литарскиот турбо бензинец со 150 KS и исто толкавиот дизел со 115 KS, кои се и единствени без некаква електрична помош. Благи хибриди ќе има три, направени на нивна основа – бензинци со 150 и 180 KS и дизел со136 KS.
Класичните хибриди ќе ги претставува верзијата со 1,6 литарски агрегат и 230 KS, а врв на понудата ќе биде плаг-ин хибридот чија силина засега не се знае. Скоро сите погонски варијанти е можно да се комбинираат со погон на четирите тркала, а повеќето од нив и со автоматски менувачи.
Како и претходникот, новиот Tucson ќе се произведува во Чешка. Повеќето верзии во продажните салони ќе пристигнат до крајот на годинава, но за плаг-ин изведбата ќе се чека малку повеќе. Цените сé уште не се знаат.