
Претседателот Трамп ги операционализира најавите за воведување на царини од 25% на европските автомобили.
Уште при влегување во Белата куќа, претседателот Трамп најави дека ќе воведе царини на повеќе европски производи.
Помеѓу најзначајните мерки секако се тие кои се однесуваат за автомобилите.
Во својот јуришен трансакциски поход за повторно градење на „Велика Америка“, администрацијата на новиот претседател најави воведување на повисоки, или како тие што велат, фер практики, во делот на тарифите (ние ги знаеме како, царини) за увозните автомобили.
Со повисоките царини најпрвин беа опфатени Канада и Мексико, претходно оцрнетиот непријател Кина, за да сега дојде ред и на европските традиционални производители.
За многумина воведувањето повисоки тарифи е прилично непромислен потег. Поготово за Канада и Мексико кајшто американците имаат свои производни погони како и голем број на добавувачи на делови за прво вградување.
Од јавно објавената трговска војна, Кина не се возбуди премногу затоа што нејзиниот удел во продажбата во Соединетите Држави е симболичен.
Тоа не може да се каже за европејците. Всушност во овој момент отварање на нов фронт ним воопшто не им е потребен. Кризата низ која поминува поготово германската автоиндустрија сега добива нови, подраматични димензии.
А водечка индустрија на германците (најголма економија во Европа) е токму производството на превозни средства. За останатите европски држави овие случувања се помалку драматични поради релативно малата количина возила која се упатува преку Атлантикот.
Погледнато од аспект на американските производители кои со меркиве, нели би треало да се заштитени, перспективата воопшто не е обоена во светли бои.
И покрај минатогодишната продукција од 15,9 милиони единици – со забелешка дека речиси 3 милиони им останаа непродадени – сепак General Motors е во долгорочна депресија, Ford се дави во својата дезориентираност, а Chrysler ја дели деликатната позиција во која се наоѓа целата Stellantis (со 14 брендови помеѓу кои Peugeot, Citroen, Fiat, Opel,…) групација.
Кој тогаш би можел да профитира од воведувањето на драстичните царински давачки? Можеби Tesla? Малку веројатно, Tesla, покрај домашните, има свои погони и во Германија и во Кина, а голем дел од компонентите за фабриките во САД се увезуваат од Канада.
Како тие автомобили ќе се увезуваат во матичната држава, или со кои давачки додатно ќе бидат оптеретувани во државите каде што се произведуваат, останува да покаже блиската иднина.
Во моментов и без тие мерки расположението на купувачите ширум светот, најблаго кажано е прилично непријателско. Поточно, може да говориме за отворен бојкот на возилата кои ги продава Илон Маск. Токму поради тоа и акциите на Tesla на берзите изгубија 5,5% од својата вредност.
Фабриката во Бранденубург (Германија) има натрупано толку залихи што се чини дека до крајот на годината нема да има потреба од ново производство.
Целава ситуација од пристојна дистанца ја следат јапонските и корејските производители. Секако и ним воопшто не им е сеедно, но поради традиционалната воздржаност и прагматичност, реакциите одат во правец на изнаоѓање одржливи решенија. Нивната предност се огледа во фактот што и сега поседуваат значајани капацитети за производство лоцирани во САД.
И сега логичното прашање: кој од овие царини ќе профитира? Елементарната аритметика вели дека тоа би било администрацијата која ги иницира. Но, дали?
Проектираните приходи се пресметани врз база на тековните бројки? Па се говори за „билиони“ (по наше, милјарди) долари кои ќе се слеат во државната каса. Притоа се занемарува фактот што сега увезените возила ќе поскапат, па сé помалку клиенти ќе можат да си ги дозволат.
Во секој случај, и така скапите автомобили, со новите мерки додатно ќе поскапат, а цената ќе ја платат, секако купувачите. Дали е тоа пресметаниот ризик на администрацијата и дали баш сите странци ќе нагрнат да отвараат погони во Америка, останува предмет на прескапи шпекулации.
И конечно, дали овие трговски гимнастики ќе ја погодат и Македонија. Се плашам дека токму тоа ќе се случи, и тоа поради намалената побарувачка на автомобилски компоненти кои се произведуваат за европските производители.
Како беше онаа народната, кога слоновите се борат…
Статистика:
1. Минатата година во САД вкупно се продадени 15,9 милиони возила, што во однос на претходната година претставува зголемување од 2.2%;
2. Од вкупниот број извезени автомобили од Европа, една четвртина отпаѓа на извозот во САД;
3. Вкупната вредносна размена на автомобили помеѓу Европа и САД изнесува 48,5 милијарди долари;
4. Секој шести продаден автомобил во Америка е произведен од европските производителите, ангажирајќи притоа 420 илјади работни места;
5. Во 2024 година, производството на автомобили во Соединетите Американски Држави достигна 9,1 милиони единици. Во вкупната бројка се опфатени сите производители кои имаат свои фабрики во државата;
6. Во 2024 година, американските производители на автомобили, како што се General Motors (GM), Ford и Stellantis, произведоа значителен број возила во Канада и Мексико. Од достапните податоци ќе го издвоиме General Motors кој увезе над 750 илјади возила, претежно произведени во Мексико.
текст: Агрон Сулејман

Интересно
-
Во светот
/ пред 4 денаСлужбен почеток на автомобилската „војна“
Претседателот Трамп ги операционализира најавите за воведување на царини од 25% на европските...
Од Autoinfo.mk -
EV
/ пред 1 месецKia EV4: EV семејството добива нов член [видео]
EV4 уште од старт ќе биде понуден во седанска и хечбек верзија. Каросериските изведби...
Од Autoinfo.mk -
EV
/ пред 2 месециHyundai Inster: урбан „струјаш“
Hyundai го претстави својот најнов електричен автомобил, Inster, прв суб-комапктен електричен модел на...
Од Autoinfo.mk