Тивко, без многу помпа за разлика од моментите кога го најавуваше, Volkswagen ја претстави седмата генерација на Multivan.
На почеток, да нема забуна, нова е само патничката верзија додека досегашниот Т6.1 во комерцијалната изведба ќе остане и понатаму во понуда.
Но затоа она што е ново, навистина е ново – не само изгледот и адаптираната MQB платформа, туку и моторите и технологиите.
Така Volkswagen на Multivan T7 сега му намени два TSi бензински мотори – 1,5 литарски со 136 и 2,0 литарски со 204 KS, а за догодина и 2,0 литарски TDi со 150 коњи, сите со 7-степен DSG менувач.
Најголемата новост претставува плаг-ин eHybrid варијантата со 218 коњски сили добиени со комбинација на 1,4 литарски бензинец и електромотор.
Батериите се литиум-јонски со капацитет од 13 kWh и обезбедуваат поминување на електрични 50 километри, а менувачот е 6-степен, исто така DSG.
Како и во сите досегашни генерации, практичноста на внатрешноста е истакната со многу нешта како што се седиштата во вториот ред кои можат да се ротираат за 180 степени.
Од новите технологии Multivan Т7 може да се пофали со Shift-by-wire систем, дигитална инструмент табла, 10-инчен мултимедиски систем, безжичен полнач за телефони, head-up дисплеј, автоматска рачна сопирачка…
Тука се и бројните безбедносни системи и асистенти на возачот како што се адаптивниот темпомат, одржувањето на возилото во коловозната лента, опционалните IQ.Light матрикс светла и друго.
Точниот датум за пазарно лансирање на новиот Multivan кој ќе биде во понуда во верзии со две должини, не е објавен.