Три од четирите компактни варијанти на Ceed добија естетски корекции, преработена опрема и нови моторни варијанти.
Во европскиот Ц-сегмент влaдее вистински метеж. Сите очи се вперени во сегментот кој држи најголем процент од пазарот.
Како по правило тука се применува формулата „3+3“ која во пракса значи три години по настапот следи редизајн, а после 6 поминати години на сцена стапува нова генерација.
Цврсто решени да успеат на Стариот континент, Јужнокореанците го констриураа првиот Ceed (C’eed) во Европа, го произведоа во Европа и ексклузивно го наменија за европските купувачи.
Тој пристап на Kia и донесе учество на Ceed во вкупната продажбата од 28%. Кај нас приматот во продажбата го држи компактниот SUV, Sportage што пак говори за спецификите на домашниот пазар.
Најзабележливи промени извршени на третата генерација на Ceed се сведуваат на естетската експресија. Иако децентни, промените попрво би ги окарактеризирале како пластична операција отколку како естетски корекции.
Предниот дел сега е многу попријателски расположен, па дури и во блага насмевка, додека задниот дел во целост го следи вкупниот карактер.
Од четиричленото семејство со корекциите се опфатени петвратниот хечбек, караванот Sportvagen и ProCeed кој припаѓа на екслузивното, Shoting brake друштво. Четвртиот член, кросоверот XCeed новиот имиџ ќе го добие следната година.
Производителот со посебна гордост го закачи новото лого кое е пропратено со мотото „Движење што инспирира“ заокружувајќи го така новиот имиџ на брендот.
За да не остане сé само на естетска интервенција, за редизајнираниот Ceed се предвидени и механички новини кои се огледаат во вградување на моторите со Smartstream технологија.
За да бидеме појасни, тоа се електрифицирани мотори кај кои е применета технологијата на промена на работата на всисните и издувните вентили, а во зависност од оптеретувањето и бројот на вртежи на моторот.
Со електрификацијата се опфатени мотори со plug-in (PHEV) и mild hybrid (MHEV) технологии со излезна моќност која се движи помеѓу 100 и 204 КС. За прв пат под хаубата на Ceed се сместува и 1,5 литарскиот турбаш со 160 КС кој може да биде прикопчан со 6-степенски мануелец или 7-степенски DCT автоматик.
Кај моторите кои користат plag-in систем, вграден е сет од батерии со капацитет од 8,9 kWh доволни за погон само на струја од солидни 57 километри. Споредбите со конкуренцијата ќе ја откријат шампионската ефикасност на хибридниот погон кој го користи Kia.
На врвот на моделската понуда гордо стои GT верзијата во која е вграден ексклузивниот 1.6 литарски T-GDi мотор со големи 204 коњски сили.
Производството на редизајнираната гама на Kia Ceed ќе започне следниот месец, а во салоните ќе се најде на почетокот од последниот квартал на годината.