Кога ќе се спомене која земја е лидер кај електричните возила, најпрво што паѓа на памет е Норвешка.
Дотолку што на второто и третото место нема никој, а од четвртото понатаму можеме да дискутираме кој е кој.
Но славата си има своја цена и иако оваа скандинавска земја плива во пари заработени од експлоатацијата на нафтата во Северното море, мора да мисли на својата долгорочна иднина.
На тоа предупредуваат експертите од меѓународниот монетарен фонд, кои без пардон на Норвежаните им порачаа дека мора да започнат да ги оданочуваат електричните автомобили.
Внимавајте – не се зборува за укинување на таму дебелите субвенции, туку за донесување мерки со кои електричните возила ќе започнат да се изедначуваат со конвенционалните.
Поентата не е дека Норвешка нема пари, туку дека населението мора да ја прифати новата вистина како реалност.
A тоа е дека она што порано било за секој автомобил, после овој од државата широкоградно стимулиран транзициски период, ќе важи и за електричните автомобили.
Всушност за сите, бидејќи таму од 2025 година ќе биде забранета продажбата на неелектрични автомобили во било која нивна изведба, иако во моментот се дискутира за плаг-ин хибридите.
Што значи ова нека покажат бројките кои велат дека лани електричните автомобили сочинуваа 54 отсто од продажбата на оваа голема и ретко населена земја, што е уште една причина плус да им се восхитуваме на успехот.
Дотолку повеќе што се проценува дека како изгубен приход во буџетот трошоците за ова лани изнесувале повеќе од две милијарди евра, односно околу 30.000 евра за секој продаден електричен автомобил.
Нам од оваа наша балканска дистанца ни останува да кажеме само – Машала, со големо М!