Од први јануари на сила треба да стапи новиот Закон за оданочување на новите и стари возила кои ќе се увезуваат во државата. Што тој ќе донесе?
Досегашните акцизи за возила одат во пензија. Наместо нив надлежните предлагаат нов систем за оданочување на возилата.
Во него, при пресметување на давачките, еколошката компонента се внесеува на голема врата. Одлично, нели – за поголемите загадувачи, повисоки давачки.
Но драги мои пријатели, дали овој закон во суштина ќе смени нешто во смисла на дишењето на почист воздух преку повисоки давачки за поголемите загадувачи.
Ни случајно! Дали е ова некој личен израз на нихилизам, или пак констатацијата се заснова на реални параметри. Еве ги аргументите, па вие просудете сами.
Како прво, новиот Закон за даноци се однесува само на ново увезените возила, што значи дека на никој начин не се допрени веќе регистрираните возила кои ги има речиси половина милион. Последниве години просечно се увезуваат по околу 30 илјади користени возила, бројка која во однос на постоечкиот возен парк претставува околу 6%. И сега целиот бес ќе го фрламе врз возилата кои сеуште не се увезени.
Второ, криењето зад еколошката компонента во најмала рака е некоректно. Спрема независните испитувања во загадувањето на Скопје (слично е и во останатите градови) возилата учествуваат со едвај една петина (19.8%). За останатите 4/5 допрва ќе се испитува!
Трето: законот во суштина претставува пресликување на Хрватскиот важечки модел. Убаво звучи, Хрватска е во ЕУ па мора, нели, да има и „добри“ закони.
Но, во таа бивша ЈУ-република состојбата квалитативно се разликува од нашата. Во Хрватска, која има популација само два пати повеќе од Македонија (икао ние и не знаеме баш колку не има) од ’91 па наваму годишно се продаваат во проесек по над 50 илјади нови возила, а кај нас таа бројка е за десетина пати помала.
Тој факт резултира со огромна разлика во просечната старост на автомобилите која кај нас е само нешто под 20 години. И сега ние пресликуваме закон, кој патем речено и кај нив се подготвува за замена.
Четврто: никој не може да се оттргне од впечатокот дека најпогодени со новиот закон ќе бидат купувачите со најнизок буџет. Оние кои ќе можат да си дозволат 30+ илјади евра за електрично возило ќе бидат ослободени од давачки. Екологија на дело(!) – ќе се најдат не повеќе од десетина такви.
Петто: според која процедура ќе се утврдува емисијата на штетни гасови? Користените возила имаат вградени катализатори кои се „потрошен“ материјал, односно нивната функционалност зависи од многу фактори. Може да се случи релативно ново возило да има поминато многу километри, притоа да биде лошо одржувано, па неговиот катализатор да е целосно вон функција. Ќе го проверува тоа некој при увоз или ќе им се верува на „папирите“?
Воопшто нема да шпекулираме со коефициентите спрема кои во иднина ќе се даночат возилата, сепак, избори се закажани, нели! Но, лесно може да се воочи фискалната позадина на носење на еден ваков закон. Екологијата и емисијата на штетниот CO2 ќе послужат како одлична маска која ќе има двојна улога. Едната е прикривање на намерите на владата за додатно полнење на буџетот, а втората е покажување на божемна грижа за животната средина.
По неуспешните обиди минатата година со субвенционирањето на хибридни и електрични возила, потоа со несреќната идеја за субвенционирање при купување стари возила, сега владата повторно неспретно влетува на лизгав терен.
Ќе повторам, во оваа прилика воопшто нема да навлегувам во коментирање на уредбите предвидени со новиот Закон за оданочување на возила. Таму има мал милион недоречености. Третманот на хибридните возила, потоа Mild и Plag-in хибридите воопшто не се прецизно опишани, итн. Но, тоа е некоја друга тема.
Да не испадне дека само критикуваме, притоа не давајќи никакви решенија, еве само неколку идеји. Примарната моторизација на нацијата е веќе завршен процес, затоа треба вниманието да го насочиме кон веќе регистрираните возила и да преземеме адекватни мерки за постоечкиот возен парк.
Техничкото оддржување, прочистување на DPF филтрите, стимулирање на вградувањето на плински уреди, … и на крајот ригорозна конрола на емисијата на штетни гасови при техничките прегледи, се само поеклатантните примери. Елегантно решение би претставувало старосно ограничување на возилата (пр. до 10 год.) или пак подигнување на еколошката норма на Euro 5. Се разбира, со детална проверка на издувните гасови при самиот увоз.
Посебна приказна е стимулирањето за купување нови возила. Тука постои огромен потенцијал кој мора да се искористи. Пример, договори со комерцијалните банки за плаќање на учество или пак на каматите за возила кои не надминуваат одредена сума. Искуства со ваквите методи има при купувањето на станови кои се неколкукратно поскапи од на пример некое возило од Б-сегмент.
Ова се само првични идеји (кои се веќе разгледувани) но истите тешко заживуваат делумно и поради чекањето на некој сеопфатен закон. Предлогот на таков закон е веќе во процедура, па за очекување е дека и ќе биде донесен. А какви ќе бидат ефектите? Тоа е поприлично лесна прогноза – никакви!
Напишано од Агрон Сулејман
Интересно
-
Актуелен Миг
/ пред 4 неделиДомашна премиера на BMW X3
Четвртата генерација на BMW X3 доаѓа со целосно нов изглед, со бензиски, дизел...
Од Autoinfo.mk -
Колумни
/ пред 2 месециЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk -
EV
/ пред 2 месециZeekr Mix: врвниот семеен ван, во Кина ќе чини неполни 36.000 евра
Брендот Zeekr на Geely има полни раце работа со проширување на својата гама....
Од Autoinfo.mk