СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Совети

Купувате половен автомобил? Внимавајте на овие работи!

 

Купувањето нов автомобил е лесно – изберете што сакате, отидете кај дилерот, тој ќе ви издаде фактура и откако ќе ја платите ќе се возите со здравје.

Ама купувањето половен автомобил е далеку од тоа, дури и кога го имате поминато најтешкиот дел – да изберете што. Спротивно од нашата практика и сосема во согласност со нашите убедувања, тешко стекнатите пари треба претпазливо да ги даваме. Ова се најосновните работи на што треба да се внимава кога се купува половен автомобил.

1. Пред да разгледувате кој што нуди, направете селекција што точно ви треба. За разлика од купувањето нов автомобил, цената кај половните знае сосема да го смени текот на вашите размислувања – ќе тргнете да купите мал добро очуван градски автомобил, ама ќе се вратите со лимузина од пет метри и шест цилиндри, затоа што нејзината цена е поповолна.

2. Како дополнување на тоа – пресметајте си добро колку можете да одвоите за дополнителен сервис и одржување на она што ќе го купите. Ако се надоврземе на претходниот пример, цената на редовниот сервис на двата споменати автомобили се разликува за неколку пати – да не зборуваме ако нешто тргне наопаку. Немојте да си дозволите непотребно да се изложувате на ризик да влезете во долгови за воопшто да можете да го одржувате вашиот „нов“ автомобил.

3. Направете опсежно истражување кој што нуди и за каква цена, па дури потоа од тоа што ќе го селектирате гледајте дали избраниот автомобил е во добра состојба. Иако сметате дека е подобро да се купи поевтин автомобил, не заборавајте дека некои марки и модели подобро ја одржуваат цената. Тоа е битно затоа што еден ден и вие ќе треба да го продадете тоа што сега го купувате.

4. Откако ќе бендисате и изберете конкретен автомобил на тој и тој плац, задолжително однесете го на сервис, ама таму каде вие сакате а не каде продавачот ќе ве упати. Слушајте добро што сервисерот ќе ви каже и ако не се поклопува со она што го очекувате, имате две опции – да го однесете истиот автомобил на уште една проверка во друг сервис или пак да изберете друг автомобил.

5. Внимавајте на документите – тоа е една од поважните работи кога купувате половен автомобил, посебно ако тој претходно не бил регистриран во Македонија. Ако не знаете што треба да проверите, најдете некој што знае но никогаш не верувајте му на продавачот дека „сé е во ред“ – тие најчесто се доволно чесни да не ве излажат за тоа, ама … Доколку нешто макар и најмалку ви е чудно со документите, бидете идиот и не прифаќајте ништо здраво за готово што ќе ви каже продавачот.

6. За крај, откако конечно ќе се договорите за купување на автомобилот што ве интересира, немојте да прифаќате никакви дубари во смисла „тој вреди пет илјади, ама јас ќе ти пишам дека вреди три заради тоа и тоа, а остатокот ќе ми го дадеш на рака откако ќе потпишеме на нотар“. Ако некој ви даде ваков или сличен предлог, веднаш отидете кај друг продавач.

Купувањето на половен автомобил е процес кој бара доста вложено време и од кој никогаш нема да излезете докрај задоволни – секогаш ќе мислите дека имало нешто подобро отколку тоа што сте го избрале. Но на крај е важно само дали сте задоволени од тоа што сте го избрале, без разлика што мислите дека сте можеле да изберете подобро. Ако навистина не сте, тогаш дајте го веднаш на продажба автомобилот кој штотуку сте го купиле, а вие продолжете со бирањето нешто подобро, по можност ново а не половно.

 

 

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Совети