СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Која Euro норма ќе го нормализира нашиот сообраќај?

 

Од министерството за економија повторно стигнуваат најави за подигнување на нормата на загадување која ќе биде дозволена при увозот на користени возила.

Последниве пет години во државата се увезени некаде околу 150 илјади користени возила. Одлична е тоа бројка која говори за степенот на моторизација на нацијата. Другата страна на медалјата ни ја предочува просечна старост на увезените возила од 19 години. Уф, ова никао не оди во прилог на квалитетот на воздухот кој го дишеме.

Каде да се постави разумната граница помеѓу можноста за купување евтино возило од една и задржувањето на каков-таков технички квалитет на истото тоа возило. Тоа западниот свет го решава со исполнување на Euro-нормите. Воспоставениот стандард значи исполнување на голем број технички услови кои се детално опишани во правилник со поприличен број страни.

Најголемите поглавја се однесуваат на безбедносните системи, еколошки прифатливите материјали, процентот на материјали кои можат да се рециклираат, акустичното загадување, … и секако, емисијата на штетни издувни гасови.

Последниот податок е најекспониран и најлесно достапен за мерење па затоа емисијата на CO2 и на азотните оксиди (NOx) најчесто директно се врзува за исполнување на Euro-нормите. Да потсетам, во моментот на сила е Euro 6d нормата а веќе во подготовка (и во тешка битка со производителите) е следната Euro 7 која би требало да стапи на сила во 2025 година и која без одреден степен на електрификација не може да се постигне.

 

Што вели нашата реалност?

Моментално за увоз на користени возила кај нас важечка е Euro 4 нормата. Според порано утврдената динамика министерството за економија неколкупати ги одложува измените со кои ќе се подигне Euro нормата.

Причината е многу прагматична – во ценовно сензибилна категорија на купувачи може да се изгуби значајно гласачко тело. А тоа партиите не го сакаат.

Компромисот помеѓу поевтините возила и поголемото загадување очигледно оди на штета на квалитетот на воздухот што го дишеме. Незгоден момент е што пониската еуро-норма директно се одразува и врз квалитетот на опшатата соораќајна безбедност.

 

Што е со ветените субвенции за нови возила

Се до моментот на тотална либерализација на увозот на користени возила што се случи пред цела декада, продажбата на нови возила се одвиваше под закрилата на максимално сложени процедури со кои беше оптеретен увозот на користените автомобили.

Во период кога светот се соочува со автомобилска револуција при што електричниот погон се наметнува како замена за класичните мотори, цената на новите автомобили рапидно се зголемува.

Тој факт ја зголемува ценовната разлика помеѓу новите и користените автомобили. Непријатна ситуација да сте во кожата на продавачи на нови автомобили. Поготово ако функционирате во средина која во однос на примањата бележи долгогодишна стагнација.

Тој сé поголем јаз, владата сака да го реши со одредени бенефиции при купувањето на нови возила. Ништо ново, овие „размислувања“ ги слушаме веќе неколку години, но на крајот испаѓа дека нема пари за таа намена. Иако на темава има „материјал“ за дискусија, за сега само толку.

 

Реалноста наша, техничка

Во пракса максимумот што може да се очекува како материјална помош од народниот буџет е субвенции за вградување на плински и уреди на метан. Во секој случај гасовите се поеколошки горива од нафтените деривати.

Добро, кога сé нема за повеќе, и тоа е за поздравување. Само, барем нека го има.

Но погледот на старосната структура на возниот парк (просек од 20-тина години) воопшто не делува охрабрувачки. Од една страна увозот на користените возила ќе се ограничи, а од друга страна се дозволува регистрирање на возила со Euro 1 норма која е воведена во „праисториската“ 1993 година.

И да се разбереме, таа норма важела кога возилата ги напуштиле фабричките ленти. Со тек на користењето ниту трага од буквите ниту пак од бројката е останата.

При ваква техничка реалност се наметнува решението со примена на темелни технички прегледи при регистрација, па кој помине, помине. Свесни за состојбите, на таа позиција се затвара едното око (не ретко, и двете) па на технички преглед не поминува само тој што не сака.

И така судирајќи се со низа нелогичности и непринципиелности, од позиција на власт ни се предлагаат козметички решенија кои во суштина не менуваат ништо. Да не заборавиме, колективното здравје и безбедноста во сообраќајот не се, и во никој случај не смеат да бидат, социјални категории.

На нашиот возен парк му е потребен генерален ремонт, во споритвно на секој чекор ќе се судираме со апсурди. И да потсетам, низ нашите патиште сеуште се тркалаат технолошки метузалеми кои освен што во опасност го доведуваат јавното здравје, претставуваат и безбедносни бомби!

 

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг