Првиот хибрид на Dongfeng, наречен Mach PHREV, а вграден во моделот L7на подбрендот Aeolus, ветува екстремно ниска потрошувачка на гориво.
На 24 мај, брендот Aeolus на Dongfeng официјално го промовираше Aeolus L7 – својот прв plug-in хибриден SUV.
На домашниот пазар автомобилот беше понуден во пет разни варијанти со ценовен распон од 128.900 – 156.900 јуани (17.800 – 21.700 американски долари).
Позициониран како компактен SUV, Aeolus L7 има димензии 4.670/1.900/1.625 mm, меѓуоскино растојание од 2.775 mm и тежи околу 1.800 kg.
Новата технологија, наречена Mach PHREV, овозможува рекордно ниска потрошувачка. Фабричките ветувања се дека со бензиски резервоар од 57 литри и полни батерии, може да се поминат цели 1.500 km.
Моќта доаѓа од plug-in хибридниот систем составен од 1,5 турбо бензинец со 154 КС и електромотор 120 kW (162 КС). Зaбрзувањето од 6,9 секунди звучи прилично возбудливо, додека максималната брзина од 170 km/h е во границите на разумното трошење на горивото.
Во реални услови поминати 2.045 km.
Комбинираната потрошувачка на гориво (според WLTC процедурите) изнесува неверојатно ниските 3,8 литри на 100 km.
Голем дел од заслугите за оптимистичките бројки одат на адреса на турбо бензинецот кој со 45,18% искористеност на термичката енергија е рекордер во индустријата.
Притоа, LFP (литиум-железо-фосфат) батеријата од 30,32 kWh што ја испорачува компанијата CALB (China Aviation Lithium Battery Co., Ltd) обезбедува комбиниран досег од декларираните 1.500 km.
Убавината се состои во фактот што ако се потпрете само на електрика може да патувате до далечина од 205 km. И оваа бројка е своевиден рекорд во конкуренцијата на приклучни хибриди.
Цела низа патентирани решенија, започнувајќи од искористувањето на најдобрите страни на сериско-паралелните хибридни состави, потоа оптимизирањето на преносот, прелевањето од механички во електричен режим, оптимизирањето на трошење на ел. енергија,… се ставени во функција за намалување на потрошувачката.
При проектирањето обилно се користени ресурсите кои ги овозможува вештачката интелигенција (AI).
Хибрид со изглед на EV
Од стилски аспект, компактниот SUV е дизајниран во актуелниот тренд кој владее кај електричните возила.
Забележителни дизајнерски елементи вклучуваат подвижен кров, скриени рачки на вратите, тенки фарови во затворената предна страна, скриени излези за издувните гасови,…
Истиот пристап е искористен и во внатрешноста: кокпитот е опремен со 10,25 инчен LCD кластер за инструменти како и 14,6 инчен централно поставен контролен екран.
Оперативниот систем под чиј диктат работи контролната електроника припаѓа на WindLink OS 3.0, кој е подржан од чип Qualcomm Snapdragon 8155. Без разлика на упатеноста на публиката, производителот ветува врвни перфоманси.
Од вградената сериска опрема може да се истакнат панорамскиот покрив со стаклена површина од 1,08 m2, амбиентално осветлување, систем за гласовна контрола i-Talk, безжично ажурирање, брзо полнење од 50 W, аудио систем со 13 звучници и напредни, Level 2 функции за асистенција на возачот.
Тука се вклучени предупредувањето од предна колизија, автоматско сопирање, адаптивна контрола на брзината, предупредување за напуштање лента и помош за задржување лента.
Дополнително, седиштата се обвиткани во кожни материјали и поддржуваат вентилација и греење.
Приложениот модел беше претставен во „вриштечка“ оранж боја (кинезите тоа го доживуваат како експресија на енргијата), но за европските влусови многу поприфатлива ќе биде црната комбинација.
Реалност подобра од фабричките декларации
Aeolus L7 е тестиран од страна на неколку независни екипи, и тоа во целосно реални услови: максимлано оптоварени, низ пренатрупани градски улици, при различни стилови на возење, долги автопатни делници,…
Тестирањето од сите тие тимови јасно укажуваат на еден јасен заклучок: дометот од 2.054 km е реалност. Постигнатиот резултат е само просек од сите екипи, инаку најдоброто остварување е за стотина километри подобро.