СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Зошто поскапуваат новите возила

Сведоци сме дека со доаѓањето на секоја нова генерација на возилата, без исклучок, значи и нови видно повисоки цени. Ќе се обидеме да ја појасниме оваа појава.

Примери можат да се најдат кај сите импортери – промоцијата на нов модел редовно значи и значително повисока цена.

Покачувањата на цените кај моделите од „Б“ сегментот (i20, Polo, Rio, Ibiza, Fiesta, Clio, 208, Corsa …) се во износи кои достигнуваат и до фантастични 40%!

Ако претходните генерации често знаеја да не ја преминат границата од 10 илјади евра, сега стартот започнува од 13 па дури и од 14 илјади.

Најавените цени за новите модели на Peugeot 208, Renault Clio и Opel Corsa кои треба набргу да пристигнат на нашиот пазар, одат во правец на потврдување на оваа теза.

Кое е објаснувањето на импортерите?

Најпрво да кажеме дека никој од увозниците не е пресреќен со ваквиот развој на настаните. Едноставно мора да го прифатат диктатот од производителите. Производителите, пак, воглавно се правдаат со новите регулативи – најчесто споменувани зборови се: опрема, нови мотори, безбедносните мерки.

Судрени со овој проблем продавачите на нови возила избегнуваат дури и да ги комуницираат цените.

На билбордите каде што се појавуваат новите модели, стана нормална појава наместо цената да бидат отпечатени суми за месечни рати.

Мене ова ми изгледа прилично невешто прикривање на вистинската цена и обид по секоја цена да биде привлечено вниманието на потенцијалните интересенти.

И повторно да кажам, повисоката цена на која они не можат да влијаат им е диктирана, а последиците кои доаѓаат преку намалување на продажбата ги трпат самите тие.

Тогаш, која е вистинската причина?

Во тек е четвртата револуција во производството на автомобили. Факт, производителите се приморани да вградуваат се повеќе безбедносна опрема. Но тоа за нив и не претставува некој посебен напор.

Многу посериозен е случајот со исполнување на новите еколошки норми. Европските регулатори наметнаа висок ритам за исполнување на новите Euro 6d Temp норми кои пак сега се мерат според нова (WLTP) методологија.

Згора на тоа сега мерењето на штетните издувни гасови се пресметува кај производителот, а надминувањето на просечната емисија на гасови повлекува строги финансиски казни.

Тоа автоматски значи сопирање на постарите технологии кои се пласираа на пазарите вон ЕУ (Русија, Турција, Блискиот Исток, Македонија).

Тука, за жал по старите цени, а за среќа по животната средина, припаѓавме и ние, што значеше добивање на нови возила со малку постари (и поевтини) технологии.

Сега тој момент е минато, па просечната емисија на гасови се смета според произведен модел (не и според количината) што ги тера производителите на продукција на електрични возила, кои нели, имаат нулта емисија на штетни гасови.

Токму тоа е ѓаволски скапа работа – бара ангажирање на големи истражувачки ресурси. Сметката на крајот ја плаќа купувачот на сериските возила, меѓу кои најзастапени се токму споменатите модели од европскиот „Б“ сегмент.

Скапиот развој рамномерно се распределува и на останатите класи, но секако, највеќе се чувствува кај поефтините возила. Оправдувањето за вградување на елементи од автономните системи кај повисоките класи само делумно го прикрива вистинскиот трошок на кој се изложени производителите.

Поради фактот што развојот на електрични возила како и додатното намалување на емисиите на штетни гасови кај класичните мотори, е процес кој ќе потрае подолго време, реално е да очекуваме понатамошен раст на цените кај сериските возила.

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг