Актуелниот миг во автомобилската индустрија се карактеризира со исклучително брзи промени во развојот на EV и рекомпонирање на глобалниот пазар.
Европскиот пазар на електрични возила, општо земено, последниве месеци е во стагнација.
Од друга страна, Американците без поголеми осцилации покажуваат постојан интерес кон возилата на струја.
Кина, како најголем светски пазар, е силно посветена на новите енергии, па така во август и септември ја надминаа психолошката бариера пласирајќи на паазарот по над милион електрични возила месечно.
Ако продажбата на EV и покажува одредени колебања, тоа никако не може да се каже за развојот на возила кои на местото на употреба воопшто не го загадуваат воздухот.
На тоа поле, без исклучоци, сите традиционални, заедно со новите производители вложуваат огромни средства. Никој не покажува дилеми околу развојот на возилата со нулта емисија на штетни гасови.
Усвоената законска регулатива цврсто стои на браникот на емисијата на стакленички гасови, големото тркалото е завртено, а парите вложени.
А кога сме кај вложувањето, огромни суми се во оптек, а не недостасува ниту ангажман на човечки потенцијал од врвни професионалци. Овој процес е неповратен, без разлика на дивергентните интереси на одредени прозводители и држави.
Од друга страна, процесот на електрификација се одвива со исклучителна динамика.
Паралелно тече, а стрешки е уште поважен, и процесот на репозиционирање на глобалниот пазар.
Се бараат начини да им се застане на пат на инвазијата на кинеските брендови кои располагаат со врвна технологија која ја нудат по многу поконкурентни цени.
Како за пример: Американците воведоа царини за кинеските EV во висина од 102,5%, но тоа како да не беше доволно, па сега се слушаат предлози за воведување на целосна забрана за продажба на кинеските електрични автомобили.
Својата немоќ да парираат во индустријата ја покажа и Европа со воведување на променлива царина за одреди кинески производители која се движи помеѓу 26 и 48% (има и исклучоци од видот на Tesla (произведена во Кина) или BYD).
Tоа само ја покажува непринципиелноста која доаѓа рака под рака со немоќта да им се конкурира на кинеските производи. Чесните исклучоци ги прават Mercedes-Bnez и BMW кои сите свои модели веќе ги нудат и како чисто електрични возила.
На рестриктивните мерки можеби целта им е само купување време, за сопствените производители да фатат технолошки приклучок со Кинезите. Но таа реална претпоставка делува повеќе како утешителна, а помалку како реално остварлива замисла.
Зар некој верува дека технолошки развиените ќе подзастанат малку (едно десетина години) па да ги почекаат своите американски и европски ривали. И тоа во ситуација кога хиперпродукцијата чука на врата.
Но, да ги оставиме сите со своите планови, да го погледнеме реалниот глобален пазар. Таму сме сведоци на одредени одлагања на динамиката на електрификацијата на моделите. Говориме за производители кои побрзаа со плановите за целосна електрификација до 2030 година па дури и пред тој датум.
Тој факт обилно се користи од противниците на електрификацијата (поради загрозување на своите бизници) кои кампањски, користејќи невистини и полувистини, пласирани дури и во мејнстрим медиуми, се обидуваат да создадат погрешна слика кај потенцијалните купувачи.
Уште еднаш ќе го кажеме нашето недвосмислено мислење: електрификацијата се одвива со забрзано темпо, во него се вложени огромни средства и процесот е неповратен.
текст: Агрон Сулејман