СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Електификацијата не живее кај нас

 

Додека светот јасно се изјасни за користење на нови енергенси во автомобилската индустрија, ние се закопуваме во место.

Минатиот месец беше соборен светскиот рекорд во продажба на електрични возила. За еден месец во Кина се продадоа над милион примероци.

Со такви рекорди не може да се пофали Европа кајшто продажбата на „електричарите“ бележи стагнација.

Пред се тоа се должи на германскиот пазар кој воедно е и најголемиот на Стариот континент.

Кога сме кај веќе кај германците, патем кои го имаат и измислено автомобилот, според сите показатели, кризата таму ќе потрае малку подолго (Volkswagen е во фаза на затворање фабрики). Во тој поглед Mercedes-Benz и BMW се држат многу добро, но тоа е веќе некоја друга тема

Да се навратиме ние на нашиот пазар на електрични возила. Под притисок на производителите, домашните импортери се принудени во својата понуда да вклучат и возила на електричен погон.

Површниот поглед на понудата ќе ни открие дека во моментов на нашиот пазар се нудат околу стотина (сметајќи ги тука само основните верзии) автомобили кои се движат само со помош на електромотори.

Според тој податок се добива впечаток дека ние во чекор ги пратиме развиените пазари. Сето тоа звучи прилично убаво, се додека не се погледне инфрастукурата за полнење.

Имено, според нашите закони, електрична енергија на мало смее да продава само ЕВН. Тоа значи дека ако полните на други полначи (а ги има подоста) никој не смее да ви фактурира продажба на електрична енергија.

За воља на вистината, ЕВН и Макпетрол имаат потпишано договор за поставување на брзи полначи (150 kW) на 10 локации и тоа на бензиските станици на Макпетрол. Сега   вкупниот број на полначи на ЕВН е зголемен на 50. Со тоа воопшто не е загрозена монополската удoбност што ја ужива австриската компанија.

Ако се полни надвор од таа мрежа, на корисникот ќе му бидат издавани разни фактури, но не и за купениот енергенс. Мора да признаеме дека тоа воопшто не звучи „хигиенски“.

Алтернативата за полнење во домашни услови, дури и по пет пати пониска цена, може да ја користат само тие што поседуваат сопствени полначи.

А тие по правило се со испорака на максимални 11 kW што пак значи дека полнењето малку ќе потрае.

За потенцијалните купувачи на современи електрични автомобили реалната состојба е таква што ја убива секоја желба за поседување автомобил кој на местото на употреба воопшто не ја загадува околината.

Што треба да се направи за да се потикне купувањето на електрични и електрифицирани (plag in) возила?

Одговорот може да се насети од погоре изнесените причини. Државата под итно треба да ја демонополизира улогата на приватната австриска компанија.

Со оглед на потпишаните договори, како и со хроничната корупција на владеачките гарнитури, тоа во моментот изгледа како невозможна мисија.

Ако пак се успее во тие намери, а со оглед на експоненцијалното зголемување на генерирање на електрична енергија од обновливи извори (фотонапонски панели), ќе ни се насмевне една убава перспектива.

Според редот на нештата – искуства од поразвиените од нас – потоа би следело поставување на бројни полначи со кои би се задоволила побарувачката.

Софтверски методи за плаќање на употребената енергија е веќе апсолвирана тема. Сето тоа надвор од нашите граници, а поготово надвор од Балканиве, веќе одлично функционира, а вистинското прашање гласи: зошто не и кај нас?

Се додека, како држава, не успееме да го либерализираме и развиеме системот на полнење, пред потенцијалните купувачи нема да имаме одговор  на прашањето, би купил EV, но каде ќе го полнам?

 

 

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг