Германските производители се договарале меѓусебно за одлагање на мерките за намалување на азотните оксиди – ги искодоши Mercedes-Benz.
Европската комисија им одреди на VW и BMW вкупна казна од 875 милиони и 189 илјади евра. Причина: прекршување на антимонополските закони. И тоа не било кои туку меѓусебното договарање се одвивало во чувствителната тема на намалувањето на штетните издувни гасови.
Во „дилот“ учествувал и Mercedes ама кога виделе по кој пат се движи истрагата решиле да соработуваат со антимонополските органи на ЕК, па за кодошењето биле наградени со неказнување.
Нелегалното договарање се одвивало во тек на пет години (помеѓу 2009 и 2014 година) при што „конкурентите“ миролубиво се разбрале за успорување на темпото на имплементација на катализаторот (Ad Blue) кој е потребен за функционирање на DPF филтрите кои ги елеминираат штетните азотни оксиди.
Званичниците на Европската Комисија задолжени за антимонополско однесување тврдат дека петте германски производители Daimler, BMW, VW и неговите филијали Audi и Porsche можеле многу порано да ја имплементираат технологијата за прочистување на азотните оксиди кои ги емитуваат нивните модели со дизелски мотори, но тие во дослух едни со други не го направиле тоа.
Заради изигрување на законите кои обезбедуваат конкурентност на пазарот, ЕК одреди казнa за Volkswagen во висина од 502 милиони и 362 илјади евра, а по истиот основ BMW треба да плати 372 милиони и 827 илјади евра.
Во услови на рецесија предизвикана од пандемијата сумите што треба да ги платат производителите воопшто не се наивни. Поготово ако се знае дека аферата дизелгејт VW до сега го чини над 32 милјарди евра.
Но од тоа многу е поголем ударот кој е нанесен на имиџот на германските производители кои се испоставува дека лажеле и мамеле на секој чекор, поготово за податоците на дизелските мотори.
Тука се крие и одговорот на прашањето за забрзаната електрификација на германската автоиндустрија – дизелите треба што побрзо да бидат заборавени!