“On Board”, “Dash Cam” или најблизу до нашиот јазик, внатрешни камери, од ден на ден стануваат се попристапни и поквалитетни уреди за персонално снимање и меморирање на условите во кои се одвива сообраќајот.
Пред некој ден бевме сведоци на драматичен директен судир помеѓу две возила, снимен од камера монтирана во возилото кое се движеше зад нив.
Очигледно беше опасното однесување на возачот кое само после некоја минута во полна брзина се заби во возилото кое доаѓаше од спортивен правец.
Сето тоа беше и повеќе од јасно видливо од снимките направени со популарните видео уреди од „дашкам“ серијата.
Но, за жал, нашето законодавство тие снимки не ги прифаќа како докази. Зошто? Дали се работи за застарена и надмината регулатива, или пак зад оставањето надвор од законот овие корисни уреди намерно се елиминирани од законската регулатива.
Објаснувањето од надлежните дадено пред неколку години гласеше: постои голема можност за интервенции и манипулации во видео записите! Некогаш тоа тврдење можеби и имало некаква основа, но од денешен аспект тоа е само еден мал технички апсурден изговор.
Ако се осврнеме на светските и европските искуства ќе видиме шаренило кое се движи од облигаторно поседување на таа мини видео опрема (во државите со големи територии), преку искуствата на признавање на видео записите како доказ, па се до препораки за користење.
Ама еве, ние успеваме да останеме уникатни и на места каде тоа не се очекува од нас. Причините за оставање на овие уреди надвор од практична употреба остануваат апсолутно нејасни!
Или можеби некој има конкретна корист од арбитрирање – а со тоа и можност за манипулирање – со материјалните и нематеријаните штети од сообраќајните незгоди?
Убедувањата за корисноста па дури и облигаторната употреба на внатрешните камери, би личеле на објаснување на феноменот „млака вода“.
Едноставно сите ние треба да ги имаме во нашите возила! И не само поради брзото и недвосмислено разјаснување на околностите под кои настанала конкретна сообраќајна незгода, туку исто толку важно, во превенирање на дивото однесување на несовесни возачи.
Познато е искуството од Шведска, каде возачи волонтери, го снимаат однесувањето на несовесните возачи, па преку GPS снимките со прекршители завршуваат директно во полиција. Законските постапки понатаму си течат – сообраќајот побезбеден за сите!
На сите овие позитивни светски искуства нашиот законодавец одговара со „строга забрана“ за употреба на камери во возилата. Апсурдот оди до таму да се советува деактивирање на сериски вградените камери кои помагаат при паркирање.
Објаснувањето дека само полицијата смее да снима на јавни патишта е рецидив од некои дамнешни времиња и рестриктивни општествени системи. Замислете сега како би изгледало возењето на електрично возило со автономно управување кое е составено од цела низа радари, камери и сензори! Апсурд.
Да не должиме, корисноста од користењето на внатрешните камери содржи повеќе димензии. Забраната на користење оди во спортивен правец на безбедностните системи. А камери со одличен квалитет и можност за неколкучасовно меморирање на снимките се нудат веќе за педесетина евра.
Апелираме до надлежните: под итно менување на законската регулатива во корист на употребата на внатрешните камери!