Владата на заминување остави во аманет тендер за набавка на 45 возила за идните високи службеници.
Владините служби на почетокот користеа модели на „ауди“, потоа дојдоа „пасатите“ за да сега се премине на „шкоди“.
Не е некој напредок, а уште помалку се работи за некое штедење, ама нејсе.
Заедничко за сите овие марки е што се купуваат од еден исти увозник – Порше Македонија.
Терминот, купување треба да се свати само условно, затоа што последниве 45 примероци – исто како и претходните пасати – се зимаат на лизинг, поточно на оперативен лизинг.
Убавата навика на владата да пазари кај познат продавач, да пробаме да ја изразиме преку конкретни бројки.
За тригодишен наем на 45 единици на Skoda Superb 2.0 diesel со погон на четири тркала, од заедничката каса ќе бидат потрошени 2 милиони и 258 илјади евра.
Според тоа, тригодинешен наем на едно возило ќе биде платено по преку 50 илјади евра. По истекување на тој период возилата се враќаат на сопственикот, а тоа во случајот е лизинг компанијата, Порше Лизинг.
Договорот за користење на возилата е потпишан на 02.05. што практично значи дека една владина гарнитура која е на заминување го потпишува договорот, а друга (новата) влада ќе ги користи возилата.
Ваквата соработка помеѓу политичките субјекти е сосема нормална во развиените демократии.
Пошто ние по ниту еден основ не го заслужуваме тој епитет, интересно е да се погледнат мотивите за соработка помеѓу „сложните браќа“.
Најпрвин за процедурите: на јавниот повик на Општите и заеднички служби на владата, се јавува само еден понудувач. Веројатно поучени од минатите искуства, останатите импортери не сакаат да губат време на тендери со познат исход.
Не треба некоја голема мудрост за да се заклучи дека ова однесување повеќе наликува на меѓусебен договор отколку на отворен повик.
Но, тоа е само претпоставка. Спроведувачите на тендери се изверзирани до таа мера што за секое логично прашање (ако некој се осмели да праша) имаат подготвено мал милион изговори.
Зад нивните одлуки ќе застанат и нарачателите, односно властите, кои ќе излезат во јавноста со декларации како со тоа всушност се брани буџетот, односно дека подобра зделка не може никој ни да замисли.
Што има подобро отколку плаќање на наем за возила кои дневно ги чинат даночните обврзници по 86.164 денари, и така секој ден во наредните три години.
Чиста навреда на интелигенцијата на граѓаните, за некаков здрав разум воопшто не станува збор.
Само како контра-аргумент нека послужи податокот дека за дваесетина проценти пониска цена може да се купи хибридно SUV возило со погон на сите тркала и со приближно иста силина. И со поголема количина на безбедносна опрема.
Ама изгледа некои мозоци сеуште живеат во ерата на дизели. Или, пак, дотичниот добавувач во понуда нема некое поеколошко возило.
Да резимираме: значи да се купи, а не да се изнајми на три години.
На крајот на овој краток осврт – кој поради јавноста која немо, но со горчина ги следи ваквите „зделки“ – а поради минималните ефекти, можеби веќе и нема логика воопшто да биде напишан.
Еве сепак, макар и само формално, би го поставиле прашањето: кои и зошто ни го прават тоа?
Одговорот веројатно лежи во ланчаниот коруптивен систем, кој преку вакви зделки ем добро профитира, ем им се заблагодарува на некои монополски корпорации.
Сосема случајно некои големи системи (осигурителни компании, ЕВН, банки, лизинг компании,…) доаѓаат од една иста држава.
P.S. Се читаме со истиот текст и по три години. Веројатно не ќе мора да ги менуваме имињата на нарачателот и добавувачот.
текст: Агрон Сулејман