СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Зошто се електрифицира автоиндустријата?

 

Што точно се крие зад поимот електрификација на автомобилите и чуму служи правењето на технолошка револуција.

На регулатерни тела, разместени како власт за контрола на загадувањето низ целиот глубус, устата им е полна со „еколошка прифатливост“. Да, и со закони кои упорно и со забрзано темпо се носат само и само да дишеме почист воздух. Перфектно!

Во ехото на оваа светска кампања стојат автомобилите, односно нивниот издувен систем. Под микроскоп се става се што излегува низ тие цевки. А таму има од се по нешто. Најпрвин на удар беше CO2 за да потоа на столбот на срамот се стават и азотните оксиди, NOx.

Лажирањето на резултатите на емисијата токму на азотните оксиди во САД, го чинеше Volkswagen прилично скапо. Колку точно никој нема да знае да ви каже, но се збори за отприлика десетина годишни буџети на Македонија.

Лекцијата одлично ја разбраа сите па се фрлија на развој на разно-разни хибридни верзии или пак (како Кина, на пример) прескокнувајќи ги тие фази директно да се дадат во развој на електрични возила.

Кој мисли да опстане во автоиндустријата мора да го прифати предизвикот – алтернативата води директно кон афричкиот пазар.

Зад индустриските револуции од овој калибар секогаш стои крупниот капитал. Поточно, големите светски играчи. Што точно значи префрлање на автомобилите од класични горива на електрична енергија? И, што е уште поважно, зошто тоа се прави?

Како примарна стратешка определба се појавува редистрибуцијата на изворите на енергија. Едноставно, наоѓалиштата на нафта и гас се разместени „таму некаде“ воглавно на „погрешни“ места низ светот. Од друга страна електричната енергија може да се произведе точно таму каде што ќе посакаат луѓето што одлучуваат за глобалните движења.

Кога ќе се свртиме четири-пет децении наназад ќе видиме дека токму околу стопанисувањето со природните енергетски наоѓалишта се воделе војни, и тоа речиси непрестано.

Сега нема да има потреба од тоа – добро се знае кој располага со технологијата на атомски централи за производство на електрична енергија. А преносот на „струјата“ Никола Тесла одамна го има решено. Чиста ситуација, … и еколошки прифатлива.

Кога веќе е расчистен тој терен, на сцена стапуваат фамозните регулаторни тела. Прописите за регулирање на емисијата на штетни гасови, како и процедурите за нивно мерење сега прецизно се утврдуваат.

Трудот на производителите на возила за намалување на потрошувачката (читај: емисијата на штетни гасови) на моторите со внатрешно согорување, од неопходност наеднаш се претвара во сизифовска работа.

Случајно, за 2025 година се најавени новите Euro 7 еколошки норми кои без електрификација никако не може да се исполнат. Plug-in технологијата ќе претставува долна граница. Што повеќе електрика, тоа подобро.

Токму поимот електрификација означува одење по најкраткиот пат до целосно редефинирање на актуелните односи во автомобилската индустрија. Тивко но моќно, на сцена стапуваат нови производители создавајќи им прилични главоболки на етаблираните традиционалисти.

Операцијата се изведува со прерипување на одредени хибридни фази од развојот. По правило нивните производи се чисти, со нулта емисија на штетни гасови, со батерии кои без поголеми проблеми поминуваат и по 500-тини километри. Дали треба да потсетам, Кина е далеку најголем производител на автомобилски батерии.

Тоа е владеечкиот тренд, поточно веќе прецизно одредената стратегијата за автомобилската иднина. Кој ќе се прилагоди – тој и ќе преживее. Едно е јасно: условите веќе ги диктираат Американските и Кинеските производители. Додека првите го возвраќаат ударот, вториве цврсто се позиционираат на врвот.

Електричната автомобилска иднина веќе е тука, а ќе дојде многу побргу отколку што мислеа Европските (па и Јапонските) автомобилски и индустриски стратези. Автомобилската електрификација веќе станува реалност.

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

 

 

Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг