СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Добредојдовте во ценовната стратосфера

 

Цените на новите автомобили продолжуваат неконтролирано да растат. Дали веќе е надминаа границата на подносливото?

Воопшто не е потребен некој изострен сенс за да се забележи вртоглавиот ценовен раст на новите автомобили.

Како да се работи за некој непознат вирус кој ги напаѓа производителите, а се манифестира со надоградување на цените на секоја нова испорака.

Можеби токму пандемискиот период, кога намалената продукција беше надоместена со зголемување на цените, им ја активира логиката на намалување на производните бројки со истовремено зголемување на заработката.

Говориме за речиси сите релевантни производители (освен BMW) кои бележат раст на приходите помеѓу 30 и 85%.

 

Коли нема доволно

Логиката е едноставна: ако на пазарот се појави недостаток на некој продукт економските регулаторни механизми налагаат зголемување на цените. Дали тој недостаток се должи на реални услови или е вешатчки предизивикан (на пр. недостаток на чипови) е тема на некоја друга анализа.

Како реален фактор може да се земе фактот што моментно ја живееме кулминацијата на третата автомобилска револуција која резултира со драматична промена на досегашната технологија. Тоа чини многу пари, а цехот го плаќаат купувачите на постојните модели.

Кога овие трендови ќе се искомбинираат со пандемиските рестрикции, еве одличен амбиент за ослободување на производителите од сите пазарни детерминирања. Капак на состојбиве, а можеби и како резултат од неа, е војната во Украина.

 

Ние сме … колатерала

Еден од директорите на наш дистрибутер неодамна ми се пожали дека вработените своето работно време воглавно го трошат на преправање на ценовниците.

Со обзир на големината на пазарот, тоа е очекувана импликација од светските случувања врз домашниот пазар.

Возила сеуште нема доволно, не се знае ниту кои модели, колку и кога ќе пристигнат. При вакви услови пазарната економија е немилосрдна – цените одат угоре.

Ако до само пред две години еден SUV од компактната класа можеше да се добие по цена од 20 до 25К сега за истата класа треба да се одвојат најмаку 40% повеќе.

Има цели автомобилски класи кај кои ценовните шокови се чуствуваат и со 80% зголемени износи.

Соочувањето со овие факти ги става домашните продавачки куќи во пат позиција. Ниту можат да направат конкретна порачка, ниту пак, можат да ја гарантираат цената на возилата кои треба да пристигнат. За залихи и не станува збор, туку актуелно е бришењето на ценовниците.

Се чини дека наближува времето кога цените ќе ги надминат границите на финансиските можности на потенцијалните купувачи. Ако тоа веќе и не се случило! Домашните клиенти веќе не размислуваат што да купат, туку што се нуди и дали можат тоа да си го дозволат.

Во новосоздадената реалност која е резултат на некои економски преструктуирања од светски размери, тешко е да се предвиди каде ќе застане јазичето на реалниот однос понуда/побарувачка.

Вистинското прашање кое се поставува гласи: на кое (ужасно високо) ниво ќе се стабилизираат цените?

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг