СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Во салонот на Citroën

Со желба да им се излезе в пресрет на купувачите на нови возила решивме да направиме серија посети на нашите салони и да разгледаме што конкретно се нуди.

Додека автомобилските импортери со сите сили се борат да обезбедат контингент на возила интересни за нашиот пазар, производителите мака мачат за обезбедување на непречено производство.

Во кризнава состојба, предизвикана од пандемијата и недостатокот на одредени компоненти, соочени со ограничувања на понудените модели, секој се снаоѓа на свој специфичен начин.

Искуството не учи дека при реална состојба каде што на европските пазари недостасуваат возила, навистина треба да се вложат вонредни напори, за така мал пазар како што е нашиот, да се обезбеди колку-толку редовна испорака.

На ден 17.11. во салонот на Citroën ја затекнавме следната понуда:

 

>> Citroën C3

Субкомпактот е еден од најомилените модели на нашиот пазар. Карактеристичниот стил, богатата опрема и бројните комбинации на мотори, опрема и бои никого не оставаат рамнодушен.

Во салонот беше изложена сина варијанта во Feel Pack пакет на опрема. Познатиот корпорациски 1,2 литарски бензинец со три цилиндри, во изведба без турбо полнач, овде испорачува 83 КС и е спарен со петстепенски мануелен менувач.

Основната цена на Citroën C3 започнува од 12.990, додека за изложениот модел, со врачунат акциски попуст од 500 евра, треба да се избројат 15.830 евра.

 

>> Citroën C3 Aircross SUV

Според актуелната номенклатура која ја применува Citroën сите модели кои ја носат Aircross SUV ознаката припаѓаат во SUV/кросовер категоријата.

Ако судиме според подигнатата каросерија и понудата на изобилие простор во одлично организирана внатрешност, тие модели во потполност го заслужуваат суфиксот во името.

Основната цена на C3 Aircross SUV во FEEL ниво на опрема и со бензиски PureTech мотор од 110 КС е поставена на 17.390 евра.

За изложениот модел C3 Aircross опремен со 1,5 литарски Blue HDi вдизел од 120 КС кој е спарен со автоматски менувач, и опремен со повисокото FEEL Pack ниво на опрема потребни ќе ви бидат 24.595 евра.

 

>> Citroën C4

Новата C4-ка е изградена врз мулти-енергетска платформа што значи дека во еден идентичен каросериски облик може да се вградат бензиски, дизел но и чисто електричен погон.

Освен тоа, оваа единствена конструкција во индустријата, и според обликот прави голем исчекор во компактната класа поставувајќи повисоки стандарди во однос на комфорот, безбедноста, просторната понудата, и се разбира, во однос на применетата технологија.

Основната цена на Citroën C4 опремен со пакет на опрема означен како Live Pack и моторизиран со турбо бензиски PureTech кој номинално испорачува 102 КС, изнесува 17.546 евра.

Изложениот модел го носи истиот мотор но во него е вградено повисокото FEEL ниво на опрема па затоа и цената е малку повисока, точно 19.060 евра.

 

>> Citroën ë-C4

Однадвор идентичен со своите класично моторизирани браќа, ë-C4 е компакт со нулта емисија на издувни гасови.

Тоа значи дека во него е вграден електромотор со силина од 100 kW (136 КС). Тој се напојува од сет батерии со капацитет од 50kWh кои му овозможуваат автономија (според WLTP) од околу 350 километри.

Основниот модел на ë-C4, со погоре опишаната техничка спецификација и опремен со ниво на опрема FEEL Electric, може да се добие за цена од 37.900 евра.

Изложениот модел во салонот беше со ниво на опрема FEEL Pack кој и покрај акцискиот попуст од 1.500 евра ја подигнува цената на 40.760 евра.

 

>> Citroën C5 Aircross SUV

Претставен пред две години C5 Aircross SUV ја означи новата SUV ера на францускиот производител.

Богато опремен уште од почетното ниво и изграден врз платформа која е способна да понесе бензиски и дизел агрегати, но и plag-in хибридна комбинација која ги задоволува барањата на еколошки настроените клиенти.

Основниот модел се нуди по цена од 25.773 евра за која се добива C5 Aircross со Live Pack пакет на опрема и турбо бензиски PureTech мотор со 130 КС.

Интересно е што изложениот модел, иако е додатно збогатен Live Pack пакет и со идентичниот 1.2 PureTech 130 мотор, благодарејќи на акцискиот попуст од 1.000 евра, ценовно е поповолен, односно во крајната пресметка неговата цена изнесува 25.130 евра.

>> Уште еднаш да нaпоменеме дека ова е само еден пресек на затекнатата понуда во салонот на Citroën која се менува на дневна основа, но секако ни доловува слика за актуелната понуда на нашиот дистрибутер.

За подетални информации околу возилата на лагер како и за цените и спецификациите можете да се информирате на линкот

https://carstore.citroen.mk/ Тоа што ние го знаеме е податокот кој вели дека до крајот на годината треба да пристигнат уште околу 100 возила.

P.S. Во меѓувреме од Citroën ни јавија, дека под слоганот CITROZEN, е започната кампања во која е вклучена продолжена гаранција од 5 години.

 

 

Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг