Во светот
Volvo EX90: Фуриозен почеток на електричната ера
Започнувајќи од идната година Volvo ќе претставува по еден нов електричен модел годишно. До 2030 година целата гама ќе вози само на струја.
Почетокот на идната година ќе означи започнување на сериското производство кое ќе започне во САД а потоа ќе се прошири и во Кина.
Наместо традиционалната SUV-ознака XC, знаменосецот сега ќе го препознаваме по новата каратенка EX, што јасно дава до знаење на што ќе вози овој, но и сите идни модели на марката.
Не случајно честа прв да ја отвори целосната електрификација ја има токму најпрестижниот модел на брендот.
Во големиот седмосед се вградуваат сите врвни компоненти кои во моментов се достапни на пазарот.
Тие состави ќе бидат задолжени за оптимизација на енергетските ресурси, потоа за безбедноста, конективноста, забавата, и се рабира за поптолно задоволство во возењето.
Volvo воопшто не штеди во остварување на тие објективи. Цела низа од камери, радари и Lidar-систем будно ќе следат што се случува со возачот, возилото и условите околу него.
Извршниот директор на Volvo, Џим Рован, при претставувањето фигуративно ќе изјави дека новиот EC90 овозможува поглед на светот од 360 степени.
Со други зборови, ангажирањето на врвните брендови од светот на дигиталната технологија од рангот на Nvidia Drive. платформите Xavier и Orin, под диригентската палка на семоќните процесори на Qualcomm од серијата Snapdragon, гарантираат врвни перформанси.
Притоа целиот софтвер е развиван од домашните експерти на Volvo, што е факт кој го покажува високото ниво на автономно дејствување на производителот.
Поради врвните технолошки системи, Volvo EC90 конструкторите милуваат да го наречат: напреден комјутер на тркала!
Да не заборавиме, седмоседот се движи на струја. Сетот батерии од 111 kWh храни два електромотори (по еден на двете оски) со вкупна излезна моќност од 380 kW (517 КС) и обезбедува автономија од преку 600 километри.
Полнењето на батериите од 10 до 80% се одвива во половина час, што е уште еден индикатор за употреба на највисокото ниво на батериски системи.
Да се истакне податокот дека во Volvo посебно внимание се обрнува на безбедноста е веќе депласирана информација.
Разликата во Volvo EC90 ја прави LIDAR системот (Laser Imaging, Detection, And Ranging) кој е способен прецизно да детектира објекти на растојание од преку стотина метри и истите во 3D да ги покаже на мониторот.
Од краткиот преглед на „современата технолошка енциклопедиа“ можеби треба да се спомене уште можноста за 5G поврзување кое дава нова димензија на конективните можности.
Volvo EC90 е првиот од серијата нови модели која следи. Дали можеби говориме за нови стандарди во сегментот на луксузните електрично погонети возила? Веројатно, да.