Во светот
Volkswagen Touareg: На пола чекор до премиум
Третата генерација на големиот SUV, Volkswagen го претстави поминувајќи 17 илјади километри од Германија до Кина.
Поставен на MLB Evo платформа која успешно ги носи најистакнатите модели од семејните брендови: Audi Q7, Porsche Cayenne и Lamborghini Urus, третата генерација на Touareg според луксузот успева да им се приближи а со вградувањето на некои технолошки решенија и да ги надмине.
Зголемените должина (4.878 mm) и широчина (1.984 mm) се во функција на раскошноста на просторот додека намалувањето на височината за 7 mm во однос на претходникот (сега, 1.702 mm) е во функција на подинамичната фигура.
Покрај зголемување на габаритите, употребата на алуминиум и посебните хајтек челици придонесуваат во намалување на вкупната за 106 килограми.
Кога се отвара темата за дизајнот на новите модели, Volkswagen останува доследен на себе.
Тие се стари приврзаници на еволуцијата на обликот – драматични промени треба да се бараат на друго место. Во однос на претходникот можеби предниот дел кој е налик на Arteon срамежливо го најавува присуството на вградената технологија.
Затоа внатрешноста ќе предизвика воодушевување кај лубителите на свежите решенија. Инструмент таблата се состои од 12-инчен екран чиј графички приказ може да се модификува според сопствените желби.
Во корисните технологии на кои возачите посебно се радуваат спаѓаат и амбиентално осветлување како и аудио системот од 730 W, произведени од 14 звучници.
Што се однесува до моторите, на европскиот пазар ќе се нуди пар од два 3.0 литарски V6 дизел мотори со 231 односно 286 КС.
Во подоцнежна фаза се очекува најсилниот 4.0 литарски V8 со 421 КС. Единсвтениот предвиден бензинец доаѓа во V6 конфигурација и развива 340 КС. Освен овие пропулзии, за кинескиот пазар е предвиден и плагин хибрид со заедничка силина од 367 КС, кој можеби потоа ќе биде понуден и во Европа.
Volkswagen Touareg нема да биде понуден на американскиот пазар. Тешката задача во продолжување на успехот на двата претходника – продадени во преку милион примероци – судејќи според првичните впечатоци, е на добар пат да биде остварена.