Во светот
Volkswagen ID.7: Електричен знаменосец со досег до 700 km
Идната деценија Volkswagen планира да ја електрифицира целата гама –големата лимузина ID.7 веќе имаше своја премиера.
Со тоа дилемите за стратешките опеделби на „нородните автомобили“ дефинитивно се отстранети.
Од 2033 година VW ќе произведува само возила на струја. Автомобилите со бензиски и дизел агрегати ќе бидат пензионирани.
Новиот ID.7 е еден од десетте нови електрични модели кои Volkwagen ќе ги претстави до 2026. За годинава се предвидени уште и новиот ID.3, како и ID. Buzz со зголемен меѓуосовински распон.
При претставувањето, Томас Шефер, извршниот директор на Volkswagen патнички автомобил, истакна: „Со ID.7 го правиме следниот чекор во нашата електрична офанзива. Лимузината нуди високо ниво на удобност и долги домети.
Веќе до 2026 година ќе ја понудиме најшироката електрична понуда од сите производители во Европа – од почетниот модел за помалку од 25.000 евра до ID.7 како нов врвен модел во рамките на ID.- семејството.
Нашата цел е да достигнеме 80 проценти удел на електрични автомобили во Европа до 2030 година. Од 2033 година, Volkswagen ќе произведува само електрични возила во Европа“.
ID.7 е поставен на MEB платформата, со тоа што новиот погонски мотор кој постигнува силина од 210 kW (286 КС) е најмоќниот до сега употребен од VW. Без разлика на капацитетот на вградените батерии, единственоовој е-мотор ќе биде задолжен за придвижување на новиот знаменосец.
Голема лумузина достигнува безмалку пет метри со што за еден број ја надминува должината на Passat. Елегантниот изглед јасно асоцира на укажаната почит кон аеродинамиката. Ефикасниот мотор во комбинација со екстремно нискиот кoефициентот на отпор од Cw=0.23 овозможуваат автономија на возилото до максимални 700 км.
Мерењата извршени според строгите WLTP-процедури се однесуваат за најкапацитетната батерија, а ќе им годат на корисниците кои почесто патуваат на долги релации.
Новиот електричен состав е оптимизиран во однос на искористување на енергијата, како на електричната така и на топлотната.
Во однос на останатите технологии, очигледен е пристапот кој овозможува директен атак кон премиум конкурентите.
Во исклучително пространата внатрешност доминираат Climatronic седиштата кои освен исполнувањето на стандардот AGR, и подесувањето во сите правци, имаат и можност за ладење, греење и сушење.
Понатаму, IDA електронскиот асистент, преку гласовни команди, може да управува со бројни функции помеѓу кои новитет е функционирањето на подвижниот кров.
По барање на купувачите, функциите на „хедап“ дисплејот се проширени, а вградениот аудио систем од 700 W, со 14 звучници, го потпушува Харман Кардон.
Лансирањето на ID.7 за Европа и Кина е планирано за оваа година, додека купувачите во САД ќе причекаат до следната година.