EV
Volkswagen ID.3 за 100 километри ја надмина декларираната автономија
Од матичната фабрика во Цвикау до Шафхаузен (Швајцарија) релацијата изнесува 531 километар, кои новиот електричен “фолксваген“ ги помина со едно полнење.
Hypermiling е израз кој доаѓа од другата страна на Атлантикот, а означува максимизирање на пројдените километри со минимално трошење на горивото.
Истиот израз сега се користи и за електричните возила каде со едно полнење на батериите се цели кон поминување на што поголем број километри.
Швајцарецот Феликс Еголф си ги проба своите вештини во Hypermiling управувајќи со новиот електричен компакт на Volkswagen, ID.3. И веднаш падна првиот рекорд на целосно електричното возило во кое најголемиот светски производител полага големи надежи.
Управувајќи со ID.3 штотуку симнат од производна лента, Еголф успеа да го помине растојанието од Цвикау (местото на производство) до Шафхаузен (Швајцарија) кое изнесува точно 531 километар, само со почетното полнење на батериите.
Изненадувањето од постигнатиот рекорд добива на тежина ако се знае дека декларираната фабричка автономија на VW ID.3 изнесува 420 километри (според WLTP), што значи дека за преку 100 километри е надмината таа вредност.
Притоа, освен возачот, во возилото била присутна и тв екипа, па така тежинското оптеретување изнесувало поприлични 250 kg.
При постигнување на рекордот, Еголф се служел со познатиот „штедечки“ стил на возење што подразбира нежно притискање на педалот на акцелераторот, користење на инерцијалните сили, па дури и возење во заветрината на камионите.
Резултатот е просечна потрошувачка од 10.9 kWh/100 km што е далеку поповолно од декларираните фабрички вредности кои изнесуваат 15.4 до 14.5 kWh/100 km.
Возењето кое траело девет часа е постигнато со верзијата Pro Perfomance кое го движи електромотор од 204 КС, а има батерија со капацитет од 58 kWh.