Во светот
Toyota GR Yaris: Спортското срце на Yaris
Паралелно со претставувањето на целосно новиот Yaris, Toyota нé запознава и со неговата спортска изведеница со интегрален погон и сериозни, 261 КС.
За да се доизгради впечатокот за моделот кој допрва треба да пристигне, стратезите на Toyota посегнуваат по варијанта со спортски перформанси, која ја означуваат со GR (Gаzoo Racing).
Секако, идејата е успесите кои ги постигнува Toyota со Yaris во WRC (World Rally Championship) натпреварите да се пресликаат и во надоаѓачкиот модел.
При конструирањето на GR Yaris несебична помош е пружена и од екипата Tommi Mäkinen Racing што на целиот проект му дадава специфична тежина.
Кога ќе се погледнат перформансите, станува јасна идејата на Toyota. Возилото кое тежи само 1.280 kg, првата стотка ја фаќа за 5.5 секунди, а максимумот на брзината е електронски ограничен на 230 км/ч. Сериозно нели?
Силината преку шест степенска мануелна трансмисија се пренесува на сите тркала (GR-FOUR систем), и тоа според моменталните потребите на возачот диктирани од условите на патот.
Системот овозможува распределба на силината во распон од 100:0 до 0:100 што значи дека возилото може да се однесува како да има погон само на предната или пак само на задната оска.
При нормален начин на возење вртежниот момент се пренесува во однос 60:40 во корист на предната оска. Во Sport модот односот изнесува 30:70 додека во Track се добива братска, 50:50 распределба.
Интересно конципирана е и моторната единица. Се работи за турбо бензинец од 1.618 ccm кои се распределени во само три цилиндри.
Во секој случај се работи за целосно нов мотор кој секако ќе биде добредојден и кај други модели на Toyota.
Покрај моторот, заслуга за врвните перформанси на GR Yaris имаат и наново развиената шасија како и употребата на полимерни влакна и легури од алуминиум при изработка на носечката структура.
За цената, која се очекува да биде на ниво на понудениот продукт, ќе продискутираме во моментот кога таа ќе биде објавена. Врвната автомобилска забава секогаш е пропратена и со адекватна ценовна противредност.