Во светот

Toyota повторно најголем производител на автомобили во светот

Објавено на

Во 2024 година Toyota, продавајќи приближно 10,8 милиони возила на глобално ниво, ја задржа својата позиција како најголем светски производител на автомобили петта година по ред.

>> Ова достигнување дојде и покрај падот од 3,7% во вкупната продажба на компанијата, под влијание на значителниот пад на јапонскиот пазар поради процедурите за сертификација, од која особено беше погодена нејзината подружница, Daihatsu.

Марката Toyota, вклучувајќи го и Lexus, доживеа пад на продажбата од 1,4%, со забележителен пад во Јапонија и намалување од 6,9% во Кина, каде што интензивната ценовна конкуренција влијаеше на конечните резултати.

Поттикнати од силната побарувачка за нејзините хибридни возила во САД сепак, Toyota успеа да постигне рекордни продажни бројки. Хибридните модели учествуваат со 40,8% од продажбата на Toyota, додека електричните батериски возила (BEV) сочинуваат скромни 1,4%.

За споредба, групацијата Volkswagen, вториот по големина производител на автомобили на глобално ниво, објави пад на продажбата од 2,3%, што на крајот значеше пласман на вкупно 9.027.400 возила во 2024 година.

Според обемот на продажба и годинава што измина се најде Hyundai Motor Group (Hyundai, Kia, Genesis) која на светскиот пазар пласираше 7,23 милиони возила. Со пад на продажбата во однос на 2023 од само 1%, групата Hyundai бележи најмал пад на продажбата во друштво на најголеми три производители во светот.

Севкупно, разноврсната понуда, регионалниот пристап и силното глобално присуство, на Toyota и овозможија да ја задржи водечката позиција во автомобилската индустрија во текот на 2024 година.

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.