EV
Škoda тргна во напад со Enyaq iV (видео)
Чесите неколку недели пред VW први ја започнаа електричната SUV-офанзива на групата.
Ако Audi e-Tron требаше да биде извидница, тогаш помалиот Q4 e-Tron, Volkswagen ID.4, Seat el-Born и секако Škoda Enyaq iV ќе бидат ударната сила на новата електро-офанзива на групацијата.
Со причина, бидејќи буквата Е доволно кажува за природата на моделот, чија ознака води потекло од ирскиот збор enya кој значи извор на животот.
Како и сите набројани, Enyaq iV е базиран на семејната MEB платформа, која му дава должина од 4,65 метри, широчина 1,88 и височина 1,62 метри, што е скоро исто колку Kodiaq.
И меѓуоскиното растојание од 2,77 метри е колку кај најголемиот SUV на Škoda, што ја прави пространоста на овој нов модел габаритно позната.
Во понуда ќе бидат повеќе верзии со еден или два електромотора со моќност меѓу 148 и 306 коњски сили и погон на задните или сите четири тркала.
За Enyaq се подготвени три пакета батерии, од 55, 62 и 82 kWh, кои ќе му обезбедат автономија меѓу 340 и 510 километри.
Од Škoda велат дека најголемите батерии до 80 отсто од капацитетот на брз полнач ќе можат да се наполнат за 38 минути.
Велат уште и дека ќе започне да се произведува пред крајот на годинава во фабриката во Млада Болеслава и дека со продажба ќе стартува на почетокот на 2021-ва, но не кажуваат по која цена.
Неофицијално сепак се дознава дека таа ќе се се движи од 35.000 до 55.000 евра.