EV
Rimac Nevera – многу работи не се за верување…
…но сепак се вистинити!
Доаѓа од Хрватска, има 1914 коњски сили и чини два милиона евра – ако ова сервирано заедно со само една фотографија му го кажете некому кој не ги следи автомобилите, сигурно нема да ви верува.
А неговото појавување веќе предизвика голема бура уште кога јавноста го виде за прв пат, во Женева 2018 година.
Оттогаш многу работи се сменија, но сите на добро за младиот Хрват кој вложи многу знаење, труд, енергија и секако пари да го доведе овој модел до вистинско производство.
Првите ќе бидат готови уште годинава, а дека и покрај високата цена сите се распродадени, не треба да чуди.
Исто не треба да чуди што Мате Римац тврди дека Nevera до 100 километри на час ќе забрзува за 1,85 а до 300 за 9,3 секунди и дека ќе постигнува максимални 412 km/h.
Тоа му го овозможуваат 1914-те диви коњи напојувани од батериите со 120 киловат-часа капацитет кои ќе обезбедат автономија од 547 километри.