Во светот
Renault Megane eVision: Нова фаза во развојот на електрични компакти (видео, 0:31 min)
На онлајн, eWays презентација Лука де Мео, новиот шеф на Renault, го запозна светот со електричниот концепт Renault Megane eVision изграден врз новата CMF-EV платформа развиена од Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата.
Додека останатите производители дури сега истрчуваат со електрично задвижувани компакти, Renault–Nissan–Mitsubishi алијанста ги подигнува критериумите на ново рамниште.
Честа прв да биде поставен на новата CMF-EV платформа му припадна на Renault Megane. Потоа ќе следи цела низа модели со кои алијансата ќе конкурира на глобалниот пазар.
Нова платформа специјално развиена за електрични возила
Наменета само за електрични возила, CMF-EV овозможува оддалечување од востановениот стил на сегментот и во нови пропорции нуди можности за поинакво обликувани автомобили. Резултатот е хечбек со компактни надворешни димензии и далеку повисоко ниво на практичност во внатрешноста.
Батерискиот електричен компакт, еVision за сега е најавен како концепт, но од Renault доаѓа информација дека сериската верзија ќе биде дури со 95% идентична со прикажаниот концепет .
Очигледно е дека имиџот кој го ужива Megane одлично ќе послужи за продолжување на успешната приказна која ја раскажува Renault со динамичниот компактен хечбек.
Најтенки батерии
Една од главните технички специфики е веста дека во Megane eVision ќе бидат вградувани батерии чија дебелина изнесува само 11 cm. Сместени ниско на подницата, предвидено е при работата тие да се ладат со течност.
Говориме за сет батерии со капацитет од 60 kWh кој овозможува радиус на движење од 450 километри (мерено според новите WLTP процедури). Колку за споредба, Volkswagen ID.3 со батериски сет од 56 kWh овозможува автономија од 420 километри.
Електромоторот работи под напон од 400 волти, сместен е напред и ги придвижува предните тркала. Секако дека платформата нуди и можност за вградување на по капацитетни батерии и уште еден електромотор во задниот дел со што широко се отвара патот на интегралниот погон.
Електричниот мотор нуди 160 kW (217 КС) со вртежен момент од 300 Nm, овозможува забрзување под 8 секунди, и најверојатно, електронски ограничена максимална брзина.
Megane eVision (4.210 x 1.800 x 1.505) е поставен на меѓуоскино растојание од 2.700 mm и тежи 1.650 kg од кои само на електромоторот отпаѓаат 145 kg.
Иако овие димензии се на долниот праг на компактната класа, Лука де Мео најавува изобилие на простор во внатрешноста, извонредни перформанси и современо обликуван автомобил кој е подготвен да ги прекрши важечките правила и да постави нови стандарди во класата.
Почетокот на сериската продукција е закажан за идната година во Франција а најавите говорат дека ова е прв модел од низата кои ќе бидат изградени на CMF-EV платформата.