Uncategorized
Renault City K-ZE: Влез во змаевото гнездо
Групацијата Renault планира до 2022 на кинескиот пазар да пласира 550 илјади возила. Во постигнувањето на таа цел треба свој придонес да даде и целосно електричното возило City K-ZE кое се очекува да чини (невројатни) 10 илјади евра.
И токму на кинески терен, Renault се амбицира да претстави целосно електрично урбано возило кое се движи само на струја, а изгледа како современ SUV претставник.
Заедничкиот труд на Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата резултира со кинески производ кој (барем за сега) е наменет само за кинескиот пазар. Како што е редот, кинески партнер во проектот е Dongfeng. Ако името ви звучи познато сетете се на најголемиот акционер на PSA групацијата.
Ова претставување никого посебно не би возбудило ако City K-ZE не доаѓа на пазарот со цена од 15 илјади евра, а кога ќе се врачунаат субвенциите кои ги дава кинеската држава, таа цена се спушти на неверојанти 10 илјади евра.
Прашањето околу автомобилска електрификација на масите со тоа добива нова димензија. Притоа возилото е одлично опремено, а изгледот е свеж и модерен. За визуелната појава лично се погрижил шеф-дизајнерот на Renault, Лоренс ван дер Акер. Всушност целиот проект е толку внимателно конципиран што не остава воопшто простор за приговори.
Кога раскажуваме електрична приказна основните податоци се однесуваат на досегот, перформансите и времето на полнење на батериите.
Батериите поставени на подницата имаат капацитет од 27 kWh со кои се овозможува досег од максимални 250 километри. Ако нешто не ви штима математикава, земете ја во обзир и вкупната тежина од само 900 kg.
Малиот електромотор од 45 КС (125 Nm) овозможува брзина од 105 км/ч. Ако пак овие перформанси ви изгледаат прескромни, сетете се на основната намена на Renault City K-ZE, а тоа секако е движењето по урбани средини.
Да, го должиме уште и податокот за времето на полнење – 4 часа на обична, домашна мрежа ќе бидат доволни за поминување на следните 250 километри. Кога ќе се погледнат работите од оваа перспектива, станува јасно зошто Renault на европскиот пазар минатата година има пласирано над 10 илјади возила од моделите Zoe и Twizy.
Да, уште нешто. Ако некој им дошепне на реноовци возилото да го пласираат и на европскиот пазар, ќе присуствуваме на вистинско демолирање на конкуренцијата.