EV

PSA и Total основаа заедничка компанија

Објавено на

Решени од зборови да преминат на дело и да ја намалат зависноста од странските ресурси, француските гиганти PSA и Total основаа заедничка компанија.

Спротивно на она што очекувате, компанијата ќе се занимава со производство на батерии за електричните возила и има назив Automotive Cells Company, скратено ACC.

Двете компании од лани работеа заеднички на проектот за кој прв пат во јавноста се слушна на почетокот на годинава.

Според него ќе се градат две фабрики – во Дуврин на северот на Франција и уште една во Кајзерслаутерн, Германија.

Плановите се тие да станат оперативни во 2023 година и да ги снабдуваат со батерии Peugeot, Citroen, DS и Opel/Vauxhall, евентуално и Fiat Chrysler.

Заради тоа се проектираат да стартуваат со капацитет за производство на батерии од вкупно 8 GWh годишно, кој до 2030 година би се зголемил на 48 GWh, доволно да снабдат милион возила со батерии.

Во состав на компанијата ќе работи и развојно-истражен центар сместен во Бордо, во чија близина ќе се изгради пилот-фабрика во која ќе се испробуваат технологиите за производство на батериите.

Вкупната инвестиција изнесува 5 милијарди евра, од кои 1,3 милијарди се од владите на Франција и Германија.

Со ова PSA ќе има подобра контрола над синџирот за снабдување со компоненти, но и заштеди од десетина отсто отколку тие да се набавуваат од надворешни извори.

Total е избран за партнер бидејќи од 2016 година во негов состав е францускиот производител на индустриски батерии Saft, кој некогаш беше дел од Alcatel.

Најголеми снабдувачи со батерии за електричните возила кои се продаваат во Европа се корејскиот LG Chem и кинескиот CATL, кои освен во матичните земји имаат фабрики уште во Јапонија и Полска.

 

 

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.