Во светот
Peugeot 2008: Повелете, сакате бензин, дизел или електрика
Новата генерација на комапктниот SUV покрај оригиналниот изглед нуди и цела низа напредни технологии, но најинтересен е фактот што може да се движи на бензин, нафта или пак само на електрична енергија.
Оваа констатација добива целосна потврда во новата генерација на Peugeot 2008. За самиот изгледот излишно е да се коментира, тој е оригинален до тој степен што веќе и не мора да носи „лавче“ на својот нос.
Истото важи и за внатрешноста која е стилски наследник на претходникот, при што управувачот визуелно сместен под таблата со инструменти претставува единствено решение на пазарот.
Освен оригиналната архитектура, сега таблата со инструменти, која инаку е наречена Peugeot i-Cockpit® 3D, ги прикажува индикаторите во 3D формат што создава впечаток на холограмски приказ.
Од додадените сантиметри профитираат патниците на сите позиции како и багажникот кој сега брои 434 литри.
Сепак најкрупниот технолошки исчекор во однос на претходникот се прави во истовременото појавување на целосно електрична верзија која ги придружува бензинските и дизелските класичари.
Докажаните трицилиндерски бензинци од 1.2 литри сега располагаат со 100, 130 и 150 КС додека дизелите во 1.5 литри имаат сместено еден цилиндар повеќе и испорачуваат 100 односно 130 КС.
Кај посилните верзии се нуди опција на пренос преку 8-степенски автоматски менувач. Со овој менувач конструкторите преминале преку две класи погоре изведувајќи ги командите „by wire” односно без механички компоненти.
Комплетниот еквивалент од возењето на класичарите е обезбеден со електромотор од 100 kW (136 КС) и корисните 260 Nm.
Батериите смесетни во подницата имаат капацитет за сместување од 50 kWh што се доволни за автономија од максимални 310 километри.
Енергетската оптимизација на сите системи во возилото е очекувана, исто како уредите задолжени за регенерација на енергијата, а сето тоа е зачинето со гомила од безбедносни и конективни системи.
Да, Peugeot 2008 е изграден врз истите принципи како и неговиот дарител кој има една нула помалку во ознаката. Секако тука се и блиските роднини од Citroen и Opel, со чија бројчана асистенција се овозможува демократизација на високата технологија.
Текст: Агрон Сулејман
Фото: Peugeot