Тестови

MG ZS: Иднина проектирана во сегашноста

Објавено на

 

ZS за сега е единствениот модел на MG кој може да се добие и само во класична конфигурација. Ја возевме варијантата со атмосферски бензинец од 1,5 литри.

Да бидеме појасни: MG ZS  се испорачува и како чисто електричен кросовер, токму како и неговите роднини, MG 5, MG Marvel.

Убавото друштво го краси и SUV моделот MG EHS (го има и кај нас) кој се испорачува вo plug-in хибридна конфигурација а при крајот на годината ќе биде достапна и верзија со класична моторизација.

Накратко тоа е надежниот состав со кој MG настапува на европскиот пазар. Стратезите на SAIC – кој патем кажано со годишна продукција од над 7 милиони возила спаѓа во групата на најголеми светски групации – секој светски пазар го третираат со посебен приод.

Сложеноста на таа операција се надминува со огромната технолошка база која е обезбедена од заедничките вложувања со светските гиганти, VW и GM.

 

Кој е всушност MG?

Историскиот ретровизор на MG не навраќа во 1924 година кога британскиот пинонир на мотористика, Вилијам Морис (William Morris) ја основа компанијата MG (Morris Garages).

Целта на амбициозните инженери е пробив во мото спортот и развој на тркачки машини.

Рушењето на брзинските рекорди станува дел од секојдневието на брендот. Бурниот развој е пропратен со историски турбуленции на економски план, но компанијата успева да одолее на многуте предизвици.

Конечно пред околу една декада кинескиот капитал го согледува извонреден технолошки потенцијал и го купува брендот, задржувајќи го притоа целиот развоен оддел сместен во близина на Бирмингем.

 

SUV од Б-сегментот

Развојните стратезите на MG ја согледале потребата за пазарно присуство во перспективниот SUV Б-сегмент. Реализацијата доаѓа со појавувањето на ZS во 2017 година. Во 2020-тата се случува моделски редизајн кој сеуште е актуелен.

Покрај варијантата која ние ја имавме на тест, постои и верзија со трицилиндерски турбо бензинец од 1,0 литри кој ослободува 111 КС. Тој силината на предните тркала ја пренесува преку шестостепенски мануелец или пак со автоматска трансмисија со ист број на степенски преноси.

 

Прагматична комбинација

Со должина од 432 cm, ZS е најголем во својата класа. Комбинацијата со меѓуоскино растојание од 258 cm обезбедува најголем внатрешен простор како и багажник со респектабилни 448 литри.

Движечката сила ја обезбедува атмосферски бензинец со четири цилиндри и работен волумен од 1,5 литри.

Моторот има индиректно вбризгување и двојна промена на работа на вентилите.

Преносот е мануелен со пет степени на пренос! Токму ова решение е во фокусот на скептичарите. Едноставно, европските купувачи одамна се навикнати на менувачи кои имаат и шеста „брзина“.

Кога ќе се погледне богатиот список на опрема вграден во нивото Exclusive дилемите експоненцијално растат. Но, за тоа, потоа.

 

Возливоста како главен адут

Три мода за асистенција на управувачот – Urban, Normal и Dynamic – во потполност ги исполнуваат задачите за лесно управување при мали брзини како и доволен степен на повратни информации при средни и повисоки брзини.

Големите, 17 инчни тркала заедно со релативно цврсто подесената амортизација обезбедуваат мазно возење во манир на најдобрата европска традиција.

Класичниот бензинец испорачува 106 КС (141 Nm) за кои треба да се заврти до 6.000 вртежи во минута.

Првите субјективни впечатоци беа дека педалот за гас пружа некаков непотребен отпор кон повисоките вртежи, но со поминување на првите километри тоа набрзо се смени. Мирната работа, штедливоста и доверливоста би требало да бидат главните адути на класичарот.

Иако подложен на критики, сепак менувачот пристојни си ја врши работата, а долгиот пети степен во добра мера го надополнува недостатокот на еден преносен однос.

Предната Mc Pherson и задната полукрута оска се стандард во класата од која нема отстапување. И нема потреба од такво нешто бидејќи и во ZS одлично си ја вршат работата, па дури и во посложени услови.

 

Завршна обработка од повисоките класи

Имаме впечаток дека MG ZS е развиен од горе па надолу. Да појасниме, решенијата од неговиот електричен брат (MG ZS EV) како да се прилагодени за  вградување во возило наменето за пошироката публика.

Посебно изненадување претставува квалитетот на ентериерот. Сите површини се меки на допир, употребените материјали се посебно одбрани и што е најважно, беспрекорно споени во хармонична целина.

Ако европските конкуренти предничат во естетските решенија, тогаш главен аргумент на MG секако е квалитетната завршна обработка.

Дигиталната табла со инструменти, централен екран од 10.1 инчи преку кој се командува со сите секундарни функции, потоа, целосното лед осветлување, конективноста, безбедносните ситеми,.. се составен дел од последната генерација на електрични возила.

Убавата вест е што целиот пакет MG го гарантира со фабричка гаранција од 7 година (или 150 илјади километри) што претставува длабока убеденост на прозиводителот во квалитетот на својот продукт.

Кога сé ќе се стави на вага, за противредност од 20.800 евра се добива семеен SUV кој е одлично опремен, пристојно изгледа и има проверени механички решенија.

 

MG ZS  1,5 VTi-Tech
мотор линиски бензинец, четири цилиндри, сместен напред, попречно
работна зафатнина 1.498 cm3
пречник и од 75 × 84,8 mm
напојување индиректно вбризгување, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, компресија 11,5:1
максимална силина 78 kW / 106 КС @ 6.000
максимален вртежен момент 141 Nm  @ 4.500 врт/мин.
пренос на силина рачен менувач, пет степени на пренос, погон на предната оска
потпирање Напред: независно, McPherson, стабилизатор                    Назад: полукрута оска, стабилизатор
сопирачки: напред / назад вентилирани дискови / дискови  – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 4.323 x 1.809 x 1.653 (mm)
Багажен простор 448 l
меѓуоскино растојание 2.580 mm
тежина 1.239 kg
максимална брзина 175 km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 10,9  секунди
комбинирана потрошувачка 6,6  l/100 km
емисија  на CO2 (WLTP) 155  gr/km

 

 

 

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.