EV
Mercedes призна: Претеравме со компактните модели
За време на презентацијата на стратегијата за идниот период, директорот на Mercedes Ола Калениус призна дека отишле малку предалеку со покривањето на секој пазарен сегмент, посебно компактниот.
И во право е – Mercedes денес има осум компактни модели – A-класа хечбек и седан со нормално и продолжено меѓуоскино растојание (само за Кина), B-класа, CLA во купе-лимузинско и Shooting Brake издание, како и кросоверските GLA и GLB.
Затоа вистинското прашање не е дали претерале со компактните модели, туку што ќе направат во врска со тоа.
Одговорот е јасен – ништо, бидејќи сите тие сочинуваат 25 проценти од 2,38 милионите возила што Mercedes ги испорача во 2019 година.
Калениус дури смета и дека оваа бројка може да се подобри, но без додавање нови модели туку со изнаоѓање повеќе целни групи купувачи со зголемување на нивната привлечност за нив.
Тој не мораше да каже дека главна цел сепак е дел од сегашните корисници на компактни модели да се преориентираат кон поголемите и поскапи класи, за што треба да бидат задоволни од нив.
Затоа и во развојните планови на Mercedes е предвидена новата генерација на нивната модуларна платформа со погон на предните тркала да поддржува и мотори со внатрешно согорување, и електрични.