Тестови

Kia Sportage 1,6 T-GDi: Нова димензија на успешноста

Објавено на

 

Први возни искуства со новата генерација на Kia Sportage опременa со третото ниво на опрема и придвижуванo со нов турбо бензинец од 150 КС.

Омилен на европскиот пазар, а уште повеќе кај нашите купувачи.

Затоа и не мора посебно да се претставува Sportage. Да, говориме за новата, петта генерација на SUV-от со компактни димензии на Kia.

Ако се знае дека домашните купувачи негуваат посебен респект спрема моделот, кој се воздигнува дури на нивото на национален SUV, разбирлив е големиот интерес за неговиот наследник.

Бројката од над 1.200 продадени единици од претходните генерации, силно го потврдуваат стекнатиот имиџ.

Фактот што низ нашите улици можат да се видат сите досегашни генерации, и тоа во одлична кондиција, уште послино обрзува.

Сé е ново

Пристигнувањето на нова генерација од некој популарен модел често го покренува прашањето, што е ново на него(?), односно дали се работи само за ограничени интервенции или пак говориме за суштински нов модел.

Кај новиот Sportage со полна уста можеме да кажеме дека е целосно наново проектиран автомобил.

Почнувајќи од каросеријата која е доработена до најситниот детал, и која сега е оспособена за вградување на електрифицирани погони, преку моторната понуда која се состои од исклучиво турбо единици, се до опремата чија функционалност е дотерана до ниво на премиум марките.

новото лого на брендот доминира на управувачот

Атмосферскиот бензнец од 1.6 литри кој располагаше со 132 КС сега е заменет со турбо верзија која од идентичен работен волумен истиснува 150 (во послабата) и 180 КС во посилната верзија.

Ќе се испостави дека послабиот мотор кој тивко работеше под хаубата на нашиот тестен примерок, е целосно подготвен да се справи со сите возни предизвици.

Што е уште поинтересно, тоа ќе го прави со 15% поскромна потрошувачка на гориво. Ова веќе звучи доволно предизвикувачки.

Зголемен во должина за 6 цм, а во широчина и височина за по 1 цм, сега Sportage изгледа многу помоќно, па дури и (пре)остро.

Ако претходната, инаку исклучително добро примена од купувачите, генерација имаше меки преминувања на линиите, наследникот изобилува со остри линии кои му даваат посебен, мачо карактер.

Како вози?

Откако ќе се сместите зад управувачот и го покренете моторот, најпрвин се забележува одличната акустична изолација. Речиси да нема разлика дали моторот е исклучен од старт-стоп системот или пак е ставен во погон.

Темелно преработениот (поточно, комплетно новиот) построј нечујно ги пегла нерамнините на асфалтот, а управувачот пружа многу повеќе повратни информации од порано.

Големите, 18-цолни тркала со нископрофилни пневматици делуваат малку потврдо, но тоа е сосема очекувано. Бенефитот од нив може да се почуствува при подинамично возење со нагло префрлање на тежината.

Во пракса моторот делува како да е посилен од номиналните 150 коњи, поготово кога ќе се одбере спортскиот мод на возење.

Високите патни брзини се поминуваат меко, удобно и со целосно отсуство на вибрации и шумови. Така и треба да биде кога се таргетираат возните својства од премиум сегментот.

Дигитална внатрешност

Посебно поглавје кај Sportage од петтото издание бездруго е внатрешноста. Дводелната дигиталната табла која се протега на две третини од целата широчина претставува драматичен пресврт во однос на претходникот.

Во хорионталниот дел од централниот гребен доминираат три кружни прекинувачи: вклучување на моторот, селекторот на автоматскиот менувач и изборникот на начинот на возење.

Целата таа екипа заедно со останатите прекинувачи силно асоцираат на моделите од повисоките класи.

Во тој правец е и целокупната изведба, започнувајќи од дизјнот и квалитетот на употребените материјали, се до одлично изведената завршна обработка.

Опремата и понатаму останува омилена тема на корејците. Бројни видео камери, ултразвучни сензори и радар неуморно бдеат над патните услови.

Во тестниот Sportage сретнавме и камери поставени на ретровизорите кои реагираат штом се активира трепкачот, а сликата се прикажува на таблата со инструменти. Убаво, корисно и безбедно решение со кое се избегнува и мртвиот агол.

Високо поставени критериуми

Неоспорен е впечатокот што кој укажува на тендецијата дека новата генерација, според сите критериуми, силно чука на вратата на премиум сегментот.

Докажаните вредности остануваат како константа, но солидноста и гомилата безбедносни системи јасно укажуваат за повисокото позиционирање на производителот.

Вкупната гаранција од седум години исто така е една од убавите навики на Kia.

Почетната цена на Sportage е поставена на поволните (во однос на конкуренцијата) 24.990 евра додека за нашиот тестен модел кој имаше вградена и милдхибридна технологија (1,6 T-GDi Reference 3) треба да се избројат 36.800 илјади евра.

 

P.S. За спецификациите и цените на конкретни модели треба да се обратите до Киа Моторс Македонија кој е и дистрибутер за нашата држава.

 

Kia Sportage 1.6 T-GDi

мотор T-GDi, турбо бензинец, линиски, четири цилиндри, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.598 cm3
пречник и од (75,6 × 89) mm
напојување директно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар,
максимална силина 110 kW / 150 КС @ 5.500
максимален вртежен момент 250 Nm  @ 1.500 – 4.500 врт/мин.
пренос на силина DCT7, автоматик со седум степени, 2WD  – погон на предна оска
потпирање Напред: Mc Pherson пружини, попречни рамења, стабилизатор                    Назад: мултилинк оска, спирални пружини, гасни амортизери, стабилизатор
сопирачки: напред / назад самовентилирачки дискови / дискови – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 4.515 x 1.865 x 1.650 (mm)
меѓуоскино растојание 2.680 mm
максимално дозволена маса 2.145 kg
максимална брзина 188  km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 9.5  секунди
комбинирана потрошувачка 6.6  l/100km
емисија  на CO2 150  g/km

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.