Тестови
Kia Sportage 1.6 CRDi: Префинетост во дизелска изведба
Петтото покеление на Sportage го возевме со дизелски агрегат под хаубата и First Edition ниво на опрема. Пакетот кој се нуди за 26.900 евра го краси врвна економичност.
Поготово не на нашиот пазар каде што преку 1.200 примероци од претходните четири генерации неуморно крстарат по нашите патишта.
Новата генерација силно гледа кон иднината. Глобалните центри одговорни за дизјн разместени во Кореја, Германија, САД и Кина освен што знаат да го погодат вкусот, во многу сегменти веќе ги диктираат и трендовите.
Механичката поддршка дава додатен стимул на универзалноста. Новиот Sportage, Kia го нуди со бензиски, хибридни и,… и дизел мотори.
Еколошки упристоениот 1.6 дизелски (Euro 6d) мотор е резервиран само за европскиот пазар каде што мирисот на нафта сеуште силно асоцира на економично возење. За среќа на многубројните лубители на дизелот, го има и во понудата на домашниот дистрибутер.
Потрошувачка по мерка на долгопругашите
Како ќе функционира префинет изглед во чија утроба бруи дизелско срце. Сомневањата се излишни. Познатиот агрегат е добро едуциран и одлично изолиран, така да за евентуални нарушувања на комоцијата воопшто не треба да се дискутира.
Од друга страна на медалјата стои економичноста својствена само за агрегатите кои трошат нафта.
Може да се изжиувате колку сакате со педалот за гас, борд комјутерот при повторно полнење ќе покажува помеѓу 6 и 7 литри. Внимателното возење ќе знае да биде наградено со бонус од литар до литар и половина.
Да не испадне дека дизелските симпатии се од навивачка природа, мора да кажеме дека почетната инвестиција од додатни 2 илјади евра може да се исплати само со поголем број прејдени километри.
Точната пресметска, во услови на секојдневни ценовни промени не можеме да ја соопштиме, но секако говориме за неколку десетици илјади прејдени километри.
Префинет ентериер
Неподелени се мислењата околу исклучителната архитектура на внатрешноста. А таму целокупното внимание ќе ви го окупира дигиталниот кокпит, чии споени екрани го привлекуваат погледот не дозволувајќи да се забележат останатите детали.
Чувството дека се наоѓате во современо видео-студио едноставно го поместува Sportage на повисоко рамниште во SUV сегментот во кој врвните високотехнолошки додатоци се составен дел од современиот стил.
Изборот на материјали и содржини во функционално организираниот ентериер го потврдуваат тоа. Од Kia велат дека просторот сега е поголем иако искрено немаше ни потреба за негово зголемување – ниту на претходната генерација не и се наоѓаа замерки за просторноста.
Што се однесува до опременоста, нашиот увозник Киа Моторс Македонија го нуди Sportage со четири пакети, плус уште еден за првата серија, така што изборот може прецизно да се персонализира.
Како се однесува дизелот?
Кога моторот ќе се стартува, се јавува со добро пригушен, но сепак препознатлив звук што сите нам ни е толку омилен. При забрзувањата реагира инстантно, а 116-те коњи бараат возење со еден степен понизок пренос за да се покажат во најдобро светло.
За поамбициозните возачи постои и изведба со посилниот, 136-коњски дизел кој се комбинира само со автоматизиран менувач.
Ослонувањето е оптимално подесено – при крстаречки брзини без големи возбудувања ги голта нерамнините на патот овозможувајќи пријатно и комфорно возење, а при брзо поминување низ свиоци цврсто ја држи каросеријата за асфалтот.
Најдоброто сепак следи кога патувањето ќе заврши – ние на тестот забележавме просечна потрошувачка од 6,3 литри на 100 километри, која можеше да биде и помала ако го гасевме моторот додека траеше фотосесијата за потребите на порталот.
Како заклучок, можеме да кажеме дека Kia Sportage во оваа изведба е оптимално избалансиран пакет и разумен избор за оние кои купуваат нов автомобил за да им трае – да го возат и верно да им служи со години. Во прилог на тоа оди и седумгодишната гаранција.
Kia Sportage 1.6 CRDi | |
мотор | CRDi – турбо дизел, линиски, четири цилиндри, сместен напред попречно |
работна зафатнина | 1.598 cm3 |
пречник и од | (77,6 × 85,8) mm |
напојување | common reil директно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, |
максимална силина | 85 kW / 116 КС @ 4.000 |
максимален вртежен момент | 280 Nm @ 1.500 – 3.000 врт/мин. |
пренос на силина | мануелен, шест степени, 2WD – погон на предна оска |
потпирање | Напред: Mc Pherson пружини, попречни рамења, гасни амортизери, стабилизатор Назад: мултилинк оска, спирални пружини, гасни амортизери, стабилизатор |
сопирачки: напред / назад | самовентилирачки дискови / дискови – ABS, EBD, ESP |
должина x широчина x височина | 4.515 x 1.865 x 1.650 (mm) |
меѓуоскино растојание | 2.680 mm |
тежина | 1.595 kg |
максимална брзина | 175 km/h |
забрзување од 0 – 100 km/h | 12.1 секунди |
комбинирана потрошувачка | 5.1 l/100km |
емисија на CO2 | 135 g/km |