Во светот
Kia Sportage: Обединети спротивности
Kia службено ги објави податоците за европската варијанта на компактниот SUV-бестселер.
Со петата генерација Sportage прави сериозен исчекор кон врвот на компактната SUV класа.
Досегашните четири генерации успешно ги поминаа сите предизвици во однос на квалитетот – седум годишната гаранција е доволен доказ – па стратезите решиле најновиот Sportage да го обдарат со високи естетски критериуми, премиум материјали и најсовремени технолошки решенија.
Темата Sportage значи говорење за нова платформа со меѓуоскино растојание од 2.680 mm, и вкупна должина зголемена на 4.515 mm.
Содржината на тоа визуелно избалансирано возило е уште поимпресивно.
Интегралниот погон (Terrain Mode) за разлика од досегашниот модел, сега има можност да се прилагодува спрема очекуваните услови: снег, кал или песок.
Поудобните патни услови ги обезбедува електронскиот систем за контрола на суспензијата (ECS) кој автоматски ја регулира висината на возилото, а начинот на возење се избира помеѓу три расположиви мода.
Очекувано, новини има и во моторната понуда. Основниот бензинец 1.6 T-GDI може да делува самостојно, но и во mild hybrid (MHEV) верзија, хибридна (HEV) или како plug-in хибридна (PHEV) изведба.
Не се заборавен и лубителите на нафтените пропулзии: 1.6 литарскиот чист дизел може да испорачува 115 или 136 КС.
Влезот во еколошкиот хибриден свет се остварува преку 1.6 T-GDI и mild hybrid (MHEV) технологијата. Заштедата на гориво може да се постигне со изведба на моторот од 150 или со посилната верзија од 180 КС.
Хибридната верзија (HEV) комбинира бензинец од 180 КС и електромотор со перманентен магнет од 44,2 kW. Вкупната системска силина изнесува 230 КС, додека батериската поддршка доаѓа со капацитет од 1,49 kWh.
Sportage со PHEV ознаката го обединува истиот турбо бензинец со елетричен мотор од 66,9 kW и литиум-јон-полимер батерија со капацитет од 13.8 kWh. Во овој случај возачот на располагање има 265 КС.
Како круна на еколошкиот пристап следи чисто електрична верзија, но на тоа поради разбирливи причини, ќе мора малку да се попричека.
Двата големи екрани, едниот за приказ на параметрите на возење а другиот за сите останати команди, доминираат во внатрешноста.
Посебно внимание е посветено на ергономијата и комфорот а безбедносната опрема е на самиот врв на класата.
Сите тие новини чинат сериозни средства вложени во развој, а колку тоа ќе се одрази на финалните цени зависи од многу фактори.
Посакуваме тие цени да останат во рамки кои ќе бидат прифатливи и за домашните купувачи. Тоа би помогнало Sportage да остане најпопуларен SUV на македонскиот пазар.