Актуелен Миг

Kia Sorento: Темелно освежување на големиот SUV

Објавено на

 

Четвртата генерација на Sorento доаѓа со нова естетика, поеколошки мотори  и целосно редефинирана опрема.

Во салонот на Kia нé пречекаа вкупно пет модели на Sorento.

По еден примерок од првите четири генерации, и петтиот примерок како најнов експонент на успешното семејство.

Пред да преминеме на главните промени кај редизајнираната четврта генерација, мора да ја истакнеме перфектната состојба на изложените примероци, вклучувајќи го тука и претставникот на првата генерација произведен 2007 год.

И кога веќе сме кај него да ги истакнеме неговите основни карактеристики. Поставен е на решеткаста носечка шасија, носи турбо дизел мотор од 2,5 литри и 170 КС и има автоматска трансмисија.

Изразените теренски способности се огледаат во можноста за погон на двете оски како и затворач на диференцијалот кој додатно ја помага проодноста.

Темелен редизјн

Кај актуелната, четврта по ред генерација, еволуцијата се огледа во промена на карактерот.

Сега шасијата е самоносечка, затворачот на диференцијалот е заменет со неколку, наменски модови за возење контролирани од електрониката, моторната понуда е проширена, а опремата е една од најкомплетните во индустријата.

Сите промени водат кон впечатокот дека сега Sorento е повеќенаменско возило наменето за сите услови на патување. Да секако, и место за седум патници.

Интересен е фактот што последната генерација претставена 2020 год. (среде пандемија) сеуште делува свежо и современо, но дизајнерите и тука наоѓаат место за додатни подобрувања.

Промените воглавно се иснпирирани од изгледот на новата гама електрични модели предводени од големиот SUV, EV9.

Во целост е сменета предната секција на Sorento каде што доминираат новите дневни светла, а со промените се опфатени и целата светлосна група, маската на ладилникот, одбојниците,…

Исто како и предницата, така и задниот дел е наново редизајниран при што повторно светлосните групи создаваат импресивен впечаток.

Внатрешноста е позицијата кај која интервенцијиите се најрадикални. Наместо досегашните два одвоени дисплеи сега двата екрани од по 12,3 инчи се споени, а како поддршка се додава и големиот хедап дисплеј.

Додека едниот екран ги прикажува мерните инструменти, вториот е наменет за инфо-забавниот дел.

Уште низа децентни подобрувања се најдоа на списокот на дизајнерите, но тоа што не е видливо на прв поглед е употребата на рециклирани материјали со што Kia ja покажува посветеноста кон зачувување на природната средина.

Механичка постава

Новиот Sorento доаѓа со погон на две тркала (2WD) или погон на сите тркала (4WD) и избор на дизел, хибридни или plug-in хибридни погонски единици: 2.2 CRDi, 1.6 T-GDI Hybrid и 1.6 T-GDI Plug-in Хибрид.

Kia Motors Macedonia, како увозник на возилата, во редовна понуда ја нуди опцијата со дизелски агрегат, автоматски менувач, погон на сите тркала (4WD), и внатрешност со седум седишта.

Од трите можни пакети на опрема, клиентите може да бираат помеѓу вториот и третиот, воедно и највисок пакет на опрема. Посебните желби на купувачите може да се реализираат преку персонализирани нарачки на Sorento.

Цените се движат од 56.950 за вториот пакет на опрема и 64.950 за најопремената верзија.

Што сé се добива за вложените средства, ќе може да дознаете во самиот салон. Кога се работи за Kia, ништо под максимална можна опременост, како и 7-годишна гаранција, воопшто не се опција.

Искрено, со нетрпение ги очекуваме првите возни искуства кои ќе следат набргу.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.