Актуелен Миг

Kia Picanto: Мал по димензии голем по содржина

Објавено на

 

Домашниот увозник на Kia реши да ја прошири понудата со Picanto, најмалиот член на семејството.

Во големите глобални превирања, производителие како да заборавија на малите автомобили.

Многу модели од А-сегментот се веќе угасени, а од таквите стратешки определби не се поштедени ниту возилата од Б-сегментот.

Со глобалните планови на Kia е предвиден понатамошен развој на најмалиот член, Picanto додека четириметарскиот Rio продолжи да опстојува само со неговата кросовер верзија, Stonic.

Оттука одлуката на Киа Нортх Мацедониа повторно да го понуди 3,6 метарскиот Picanto, делува сосема логично.

Цената од 17.650 евра можеби некому ќе му изгледа „малку многу“ но во суштина таа кореспондира со понуденото. А малиот Picanto, специфициран од домашниот увозник, содржи елементи на опрема својствени за една, па дури и две повисоки класи.

Механичката основа ја сочинува 1,2 литарски бензинец со четири цилиндри кој во оваа конфигурација ослободува 79 КС. Менувачот брои пет степени, а исто толку се добиваат и со автоматикот (чини додатни илјада евра).

На сите четири тркала се вградени диск сопирачки, а кога сме веќе кај тркалата да кажеме дека тие се обуени во 16-инчни пневматици.

Во внатрешноста доминираат дигиталната табла со иснтрументи како и инфо-забавниот состав со дијагонала од 8 инчи, која може да се командува со допир. Воопшто не е штедено ниту на безбедносната опрема која е пресликана од поголемите модели на марката.

Надворешниот изглед е во целосна усогласеност со сите актуелни модели на Kia, а тоа помеѓу останатото, подразбира и целосно LED осветлување. Додатните трепкачи вградени во ретровизорите се уште една специфика која не може да се сретне во оваа класа.

Дали е ова доволно за да се оправда цената? Ако се земе во обзир употребливоста на градските (супер мини) возила и кон тоа се додаде широкиот спектар на опрема, вреди да се размисли.

За да се увериме и практично во вредностите на најмалата Kia, веќе имаме испланирано подетална рецензија.

 

 

 

 

 

 

 

 

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.