Unite Gallery Error:

Gallery with alias: KiaCeed10TGDi not found
Kia Ceed 1.0 T-GDi: Помал мотор, поголема силина, помала потрошувачка - Autoinfo.mk

Тестови

Kia Ceed 1.0 T-GDi: Помал мотор, поголема силина, помала потрошувачка

Објавено на

На ценовните листи на домашниот импортер од недамна се појави Ceed опремен со мал турбо мотор од 120 КС кој е поскап но и посилен од класичниот 1.4 литарски бензинец.

„Даунсајзингот“ е во мода. Речсиси нема производител кој класичните атмосферски мотори не ги заменува со видно помали турбо бензинци.

За да ја личи целата приказна „маливе“ вриштат од примена на нови технологии.

Тука се испреплетени директното вбризгување, променливата работа на вентилите, четири вентилската технологија, турбо компресорот со мала инерција, .. и уште редица новотарии со кои строго се контролира ефикасноста на моторот.

Кога сето тоа ќе се спакува во зафатнина од само еден литар која е распоредена во непарен број цилиндри (најчесто три) се добива мал и лесен агрегат чија силина е на нивото на атмосферските 1.6 литарски мотори. И најважното, кој троши (читај: загадува) и до 20 проценти помалку од послабите атмосферци.

Доволен број убедливи причини за вградување во широка палета на мали, компактни, па дури и возила со средна големина. Kia, како впрочем и најголемиот број производители, во својата понуда на компактот Ceed вклучува токму еден таков мотор.

По првото седнување, според првичните впечатоци, непогрешливо можеме да заклучиме каков тоа мотор се крие под хаубата. Благите вибрации во „лер“ и рескиот турбо звук при подигнување на вртежите ни навестуваат интересни случувања.

Дваесте коњи повеќе во однос на 1.4 литарскиот класичар, на прв поглед не делуваат драматично. Можеби при постигнување на крајната брзина (187 наспрема 183 км/ч) тоа е така, но пократкото забрзување за 1.5 секунди и тоа како се чувствува. И меѓузабрзувањата го даваат својот придонес кон видливо подобрата динамика.

Подобрите перформанси не би имале некаква смисла кога потрошувачката на гориво би била барем приближно иста за двата споредувани мотори.

Во тој поглед малиот турбо просечно остварува за еден литар помала потрошувачка. Ова го тврдиме од нашите искуства при комбинирано возење. Ако се задржиме во движењето низ скопскиот густ сообраќај таа разлика уште повеќе е изразена.

Значи, Ceed со 1.0 T-GDi мотор е посилен, подинамичен и поекономичен од истото возило опремено со 1.4 литарски MPi мотор. Убаво звучи, но новата технологија си има и своја цена.

Во случајот разликата изнесува околу 2.000 евра, но треба да се знае дека вградувањето на 1.0 T-GDi моторо оди во пакет со побогатата Black Edition опрема. Дали вреди? На тоа прашање ќе мора секој индивидуално да си одговори. Домашниот увозник и двата модела ги има во понуда, па секој според сопствените преференции и можности.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

мотор   …………………………  бензиски турбо, 3 цилиндри, директно вбризгување, 998 ccm, 12 вентили, Euro 6d Temp

макс. силина  …………………  83.3 kW / 120 КС @ 6.000 (врт/мин)

макс. вртежен момент  ……..  172 Nm @ 1.500 – 4.000 (врт/мин)

димензии  ……………………..  4.310 x 1.800 x 1.447 (mm)

макс. брзина  …………………  187 км/ч

забрзување  0-100 km/h  ……  11.3 сек.

тежина на празно возило …..  1.222 kg

комбинирана потрошувачка ..  5.2 л/100 км (CO2 – 119 g/km)

Фото: Горан Антевски

Click to comment

Popular Posts

Copyright © 2019 Autoinfo.mk. Изработено од SVNA Design.