Во светот
iPhone на тркала, ама со Android
Apple се откажа од својот автомобил, но се најде друг кој името iPhone ќе го поврзе со светот на тркала.
Се работи за кинеската компанија Foxconn, производителот на телефоните на Apple, која на јавноста ги претстави своите идеи за електричен автомобил.
Според нив тие развиваат платформа за електричните возила која ќе биде модуларна и достапна за другите компании, исто како што Android е достапен за мобилните телефони.
Таа ќе може да биде основа за различни типови возила – хечбеци, седани, кросовери или моноволуменци, сеедно.
Ќе има меѓуоскиното растојание меѓу 2.750 и 3.100 милиметри, а трагите на тркалата и растојанието од подлогата ќе бидат според типот на возилото.
Батериите наменети за неа ќе имаат капацитет од 93, 100 и 116 kWh, а ќе може да прими еден електромотор напред или назад – кому што му треба, или пак два, по еден за секоја оска со што ќе добие 4×4 можности.
Предниот електромотор ќе биде од 95, 150 или 200 kW, а задниот од 150, 200, 240 или пак 340 kW, кои ветуваат сериозни перформанси.
Понатаму, Кинезите ветуваат дека ќе развијат напреден софтвер кој ќе поддржува надградби преку интернет, различни нивоа на автономно возење и поддршка за Amazon Alexa, Android Auto и Apple CarPlay.
Дека треба да се сфатат сериозно говорат извештаите според кои Foxconn веќе е во преговори со Fiat Chrysler за заедничка компанија во Кина која ќе произведува електрични возила.