Тестови
Hyundai Tucson 1.6GDi 2WD: Благ редизајн на добриот познаник
Третата генерација на SUV- хитот на Hyundai минатата година доби благо затегање на борите што ќе му помогне да го задржи големиот интерес и одличните продажни резултати.
Со појавувањето на првиот Tucson во 2004 година, Hyundai интуитивно ја предвиде иднината. Одличниот прием на првиот SUV продолжи се до 2009 кога на пазарот се појави втората генерација која во Европа се пласираше под новото име, iX35.
Понесувањето на титулата „Автомобил на годината во Македонија“ значеше дека квалитетите се препознаени и од страна на домашната стручна јавност, односно од домашните потрошувачи.
Третата генерација, претставена во 2015-та, продолжувајќи го трасираниот пат, повторно во игра го врати името Tucson но сега со поголеми амбиции, и поттикната од постигнатиот успех, направи сигурен чекор кон премиум друштвото. Дизајн мајсторот, Петер Шрејер беше доволна гранција за погодок точно во средина на вкусот на глобалната публика.
Пласираните 575 илјади примероци само во минатат година, за некој производител би бил недостижен сон, но за вредните корејци тоа значи само поттик за понатамошни дотерувања на моделот.
Сега и во пракса можеме да видиме што тоа поточно значи. Со децентниот редизајн на Tucson (Тусон) се опфатени предната скалеста маска на ладилникот, светлосните групи на двете страни на возилото како и одбојниците.
Внатрешноста е оплеменета со поквалитетни материјали а големиот, 8 инчен мултимедијален систем е подигнат на средишниот гребен. Освен подобрениот преглед, сега нему му се додаени и нови функции.
Купувачите и на основното ниво на опрема, Sport ќе може да уживаат во невообичаено богато осмислениот пакет кој вклучува LED дневни светла, електрично померувани и греени ретровизори, Start-Stop систем, темпомат, автоматски клима уред, управувач и рачка на менувачот обложени со кожа, 17 инчни алуминиумски бандажи.
Тука се и сензорите за притисок во гумите, комплетот воздушни перници, безжичното полнење на мобилните телефони … како и целосна електронска контрола на тргнување, стабилизација и сопирање на возилото.
Нашиот тестен модел, со ниво на опрема Executive содржеше уште 13 додатни ставки, и сето тоа заедно кај домашниот увозник се нуди по цена од неполни 23 илјади евра.
Погледнете во ценовникот на конкурентските модели чии мотори ги исполнуваат новите Euro 6d Temp норми, изедначете ја опремата, и веднаш ќе во стане јасно зошто купувачите се одлучуваат токму за Hyundai Tucson.
При возење уште еднаш ни се потврди тоа што го знаевме од порано: Hyundai Tucson вози исклучително мазно и тивко, стабилен е до многу високи граници, а возачките погрешни проценки лесно се корегираат од страна на бројните безбедносни системи.
Погонот изведен само на предната оска во комбинација со големите (зимски) пневматици и при влошени услови делува доволно стабилно да логично се поставува прашањето за инвестирање во погонoт, 4×4.
Исто така знаеме дека бензискиот 1.6 литарски агрегат со директно вбризгување е исклучително економичен (при најтешки градски услови потрошувачката не надминува 9 литри) а со шест степенскиот мануелец претставува задоволство да се ракува.
Вака моторизираниот Tucson на отворен пат ќе се задоволи и со потрошувачка која не надминува 7 литри – забелешката се однесува на надминувањето на брзината од 140 км/ч при што празнењето на резервоарот се довива со забрзана динамика .
Во суштина, со редизајнот, тоа што било добро сега е додатно осовремено и оплеменето. Незначително зголемената цена се правда со додавање на елементи од опремата за кое до сега се доплаќаше. Кога сé ќе се собере, станува логично зошто SUV возилата се прв избор на купувачите.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
мотор ………………………… бензин GDI, 4 цилиндри, 1.591 ccm, 16 вентили, Euro 6d Temp
макс. силина ………………… 97 kW / 132 КС @ 6.300 (врт/мин)
макс. вртежен момент …….. 161 Nm @ 4.850 (врт/мин)
димензии …………………….. 4.480 x 1.850 x 1.655 (mm)
макс. брзина ………………… 182 км/ч
забрзување 0-100 km/h …… 11.5 сек.
тежина на празно возило ….. 1.428 kg
комбинирана потрошувачка .. 7.2 л/100 км (CO2 – 165 g/km)