Видео
Hyundai ветува нови електрични перформанси [видео]
Поголема автономија и поспортско возење – тоа се ветувањата на Hyundai за новата платформа за електрични возила.
Означена како e-GMP што е англиска кратенка од електрична глобална модуларна платформа, таа е развиена за користење во повеќе разни модели на корејската група.
Тие наведоа дека на неа може да се постави дури и голем кросовер со седум седишта во ранг на Hyundai Palisade и Kia Telluride, кои во моментов се најголемите во гамата.
Иницијално има погон на задната оска, со можност електромоторите да ги задвижуваат сите четири тркала кои се поместени на рабовите на платформата.
Погонскиот систем има целосно нови батерии и мотори кои ќе овозможат забрзување до 100 km/h за помалку од 3,5 секунди и максимална брзина од 260 km/h.
Тоа ја прави платформата погодна и за високоперформансни возила, при што одговорните во Hyundai најавија дека еден таков концепт ќе биде прикажан уште следната година.
Новата e-GMP платформа значително ќе помогне групата да ги оствари своите планови да продаде милион електрични возила ширум светот до 2025 година.
Според нив, заедно од трите марки ќе бидат понудени вкупно 23 целосно електрични модели, вклучувајќи ги и електричните деривати на возилата со конвенционални со мотори.
Прв ќе биде кросоверот со средна големина Ioniq 5, кој ќе дебитира идната 2021-ва година, а ќе следи сличен кросовер на Kia кој ќе пристигне нешто подоцна.
Разликата меѓу нив и сите други модели поставени на оваа механика ќе биде преку дизајнот и флексибилноста на внатрешноста.